Скопје, 26 октомври 2026 – Денеска на првиот ден од годинешните Денови на медиумска писменост во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се одржа презентација на Истражувањето на медиумската писменост кај учениците во средното образование. Истражувањето за потребите на АВМУ го изработи Агенцијата Рејтинг.
Како што посочи во својата презентација претставничката на Агенцијата Рејтинг, Софија Ристова, истражувањето опфати 889 средношколци од 40 средни училишта, во кои наставата се одвива на македонски, албански и турски јазик. Тоа содржи квантитативна анализа на компетенциите за медиумска писменост кај учениците од трета и четврта година средно образование во учебната 2025/2026 година, како и компаративна анализа со резултатите од истражувањето спроведено во учебната 2023/2024 година. Презентацијата за истражувањето е достапна на следниот линк
На настанот учествуваа ученици од средните училишта „Кочо Рацин“ и „Јосип Броз Тито“ од Скопје, како и од средното училиште „Гоце Делчев“ од Куманово, и претставници на Бирото за развој на образованието.
Презентацијата на истражувањето отвори можност за запознавање со нивото на медиумска писменост кај средношколците, нивните компетенции за критичко разбирање и процена на медиумските содржини, како и со потребата од континуирано унапредување на знаењата и вештините што им се неопходни за безбедно, одговорно и информирано учество во современото медиумско опкружување.
Со ваквите активности, Деновите на медиумска писменост продолжуваат да ја поттикнуваат дискусијата за значењето на медиумската писменост во образованието и за улогата на младите во развивањето критички однос кон информациите што секојдневно ги примаат преку различните медиуми.
Целото истражување на медиумската писменост кај учениците во средното образование е достапно на линкот.






