Како ќе изгледаат медиумите, новинарството и информирањето во 2050 година? Каква улога ќе имаат вештачката интелигенција, медиумската писменост и граѓаните во обликувањето на идниот информациски простор?
Овие прашања беа во фокусот на предавањето на Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии (ИКС), која на 29 октомври учествуваше во четвртата глобална серија предавања на УНЕСКО-катедрите „Светот во 2050 година – обликување на иднината“ (The World in 2050 – Designing Futures).
Серијата ја организира УНЕСКО-катедрата при Eurac Research во Болцано, Италија, во соработка со Католичкиот универзитет Ајхштет-Инголштат во Германија и УНЕСКО во Париз. Во неа учествуваат 19 УНЕСКО-катедри од 13 земји, вклучувајќи го и ИКС како носител на УНЕСКО-катедрата за писменост за иднината и медиумска и информациска писменост.
Теменугова се осврна на можните трансформации на медиумите и информациската средина во следните две и пол децении. Во предавањето стана збор и за влијанието на вештачката интелигенција, дезинформациите, довербата во информациите и новинарството, како и значењето на медиумската писменост и писменоста за иднината во обликувањето на посакуваната иднина.
Со ова предавање, но и се други настани, ИКС се приклучи кон Деновите на медиумска писменост, кои ги организираше Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), придонесувајќи кон дискусијата за иднината на медиумите и компетенциите што ќе им бидат потребни на граѓаните.






