Во рамки на Деновите на медиумска писменост 2026, „Лице в лице“ организираше работилница за своите продавачи и координатори, која беше наменета за препознавање дезинформации, лажни вести, проверка на информации и одговорно споделување содржини.
Како да препознаеме дали информацијата што ја слушаме или ја читаме на социјалните мрежи е веродостојна? Од секојдневните разговори до дигиталните платформи, информациите постојано циркулираат, но не сите се проверени, точни или целосни. Токму на овие прашања се фокусираше работилницата „Кој ти кажа? Лице в лице со информациите – од муабет до социјални мрежи“, што „Лице в лице“ ќе ја одржа денеска во просториите на организацијата „Паблик“ .
Работилницата беше наменета за продавачите и координаторите на дистрибутивната мрежа на „Лице в лице“ и е дел од програмата на Деновите на медиумска писменост 2026.

Од муабет до проверена информација
Кога една информација ја слушаме од пријател, ја читаме во објава на социјални мрежи, или ја добиваме во порака, колку често застануваме да провериме дали е точна? Дали разликуваме факт од лично мислење, гласина од проверена информација и дезинформација од содржина што едноставно не ни се допаѓа?
Преку разговор и практични примери, учесниците имаа можност да размислуваат за начинот на кој ги примаме, толкуваме и споделуваме информациите. Фокусот беше и на последиците од нивното понатамошно ширење, особено кога станува збор за непроверени тврдења што можат да влијаат врз ставовите, одлуките и односите во заедницата.
Во време кога секој може да објави и да сподели содржина со широка публика, проверката на информациите и критичкото размислување се важни вештини за секојдневниот живот.
Медиумската писменост денес – сите имаме своја улога
Со учеството во Деновите на медиумска писменост 2026, „Лице в лице“ ја истакнува важноста на пристапот до веродостојни информации и развивањето критичко размислување кај луѓето со различни животни искуства и можности.

Медиумската писменост не е само за новинарите, професионалците што работат со информации или луѓето со формално образование. Таа е секојдневна вештина што ни помага да ги разбираме пораките што стигнуваат до нас, да поставуваме прашања, да препознаваме сомнителни тврдења и да донесуваме поинформирани одлуки.
Овогодишното мото на националната кампања на Деновите на медиумска писменост е „Сите имаме своја улога“, во согласност со глобалната тема на УНЕСКО „We All Play a Part – Media and Information Literacy for the People“. ДМП се одржуваат од 26 октомври до 2 ноември, со активности што ја нагласуваат улогата на сите во градењето поинформирано и поодговорно општество и ги организира Мрежата за медиумска писменост.







