Во рамки на Деновите на медиумска писменост, на 29 октомври, со почеток во 11 часот, „Лице в лице“ ќе одржи работилница за своите продавачи и координатори, насловена „Кој ти кажа? Лице в лице со информациите – од муабет до социјални мрежи“.
Работилницата ќе биде посветена на тоа како препознаваме, проверуваме и споделуваме информации во свет во кој секојдневно сме изложени на вести, објави, пораки и различни тврдења. Преку разговор и практични примери, учесниците ќе имаат можност да размислат за разликата меѓу проверена информација, лично мислење, гласина и дезинформација, како и за последиците од нивното понатамошно споделување.
Со вклучувањето во ДМП2026, „Лице в лице“ ја потврдува важноста на пристапот до информации и развивањето критичко размислување кај луѓето со различни животни искуства и можности. Медиумската писменост треба да биде достапна за сите, а не само за оние што имаат формално образование или професионален интерес за медиумите.






