Како младите одлучуваат дали да ѝ веруваат на некоја објава? Што кај нив предизвикува сомнеж и како емоциите влијаат врз содржините што ги следат и ги споделуваат? Овие прашања беа во фокусот на работилницата „Што гледаме, во што веруваме? Младите и онлајн содржините“, која Институтот за комуникациски студии (ИКС) ја одржа на 28 октомври со ученици од прва година во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје.
Преку интерактивни активности и дискусија, учениците ги разгледуваа своите дигитални навики и причините поради кои им веруваат на одредени извори. Разговорот се осврна на тоа што прво го забележуваат во една објава, што ги наведува да поверуваат во неа и што би провериле пред да ја споделат со другите. Посебно внимание беше посветено на начинот на кој насловите, сликите и различното претставување на иста приказна можат да влијаат врз нивното толкување.
Работилницата ги отвори и прашањата за препознавањето манипулирани содржини и за довербата во информациите создадени со вештачка интелигенција. Во средиштето беа размислувањата и дилемите на самите ученици: како реагираат на содржини што ги забавуваат или загрижуваат, зошто во некои се сомневаат и што им е важно да дознаат за онлајн просторот.
Нивните прашања и искуства ќе послужат како основа за осмислување образовни содржини блиски до интересите и потребите на младите. Целта е тие активно да придонесат во развојот на материјалите што ќе им помогнат на нивните врсници покритички да ги проценуваат дигиталните информации.
Оваа работилница се одржа во рамки на Деновите на медиумска писменост 2026, кои Мрежата за медиумска писменост годинава ги одржува под мотото „Сите имаме своја улога“.
Работилницата е дел од проектот „ИнфоФакто“, поддржан од Европската Унија преку програмата „Креативна Европа“. Во рамките на проектот се развива едукативна платформа што ќе им помогне на адолесцентите низ Европа критички да ги проценуваат дигиталните содржини и да препознаваат дезинформации, вклучително и содржини создадени со вештачка интелигенција.






