ФИЛМОТ влијае културно, креативно и критички врз децата и младите!
2139 ученици од 20 скопски училишта се вклучија во успешно реализирана активност – Бесплатно прикажување тематски филмови за деца од основните училишта (од VI до IX).
Во 8 кино проекции кои се реализираа во три кина: Кино Милениум, Синеплекс, Кинотека беа прикажани три европски тематски филмови и тоа:
– Италијанскиот филм „Брат ми брка диносауруси‘‘ во режија на Стефано Ципани
– Данскиот филм „Хакер‘‘ во режија на Пол Берг и
– Данскиот филм „Кариран Нинџа‘‘ во режија на Торбјорн Кристоферсен и Андерс Матесен
Трите европски филмови како уметност, но и како дидактичко помагало, беа одличен извор за учениците да ги поттикнеме и предизвикаме да размислуваат, да ја подигнат својата свест, како и да разговараат за темата од конкретен филм кој го проследија колективно со свои врсници во кино сала на големо филмско платно.
На 6 проекции од вкупно 8, учениците имаа можност по проследување на филмовите да разговараат на три важни теми: живот со лице со попреченост (Даунов синдром), предрасуди, булинг, технологии, видео игри со психолози и тоа:
– Иван Христов кој опфати две теми: живот со лице со попреченост (Даунов синдром), предрасуди и булинг
– Маја Цветановска – психолог и истражувач на тема: живот со лице со попреченост (Даунов синдром), предрасуди
– Елена Петровска – психолог, на тема: технологии, видео игри
– Ана Блажева – психолог, психотерапевт на тема: булинг
Мрежата за медумска писменост им се заблагодарува на психолозите кои успеа преку разговорот со учениците да ги придвижат, предизвикаат, но и да ги соочат со конкретните и важни теми.
Благодарност и до поддржувачите: Агенцијата за филм, кино Милениум, Синеплекс, Кинотека на РСМ, и дистрибутерската куќа Катавеј кои овозможија една идеја да се реализира во културно, критичко и креативно искуство за учениците од основните училишта.
Работната група за филмска писменост при Мрежата за медиумска писменост продолжува со своите заложби за вклучување на филмот како уметничка форма со универзално разбирлив код, и филмската писменост како форма на писменост во формалното образование (основно и средно училиште).
Продолжуваме со активности насочени кон училиштата со цел филмот да биде дел од наставните формални програми како посебен естетски ентитет и како дидактичко помагало.
Погледнете ја денешната атмосфера (01.11.2022 год) и преполната сала во кино Милениум каде 457 ученици од ООУ „Кузман Шапкарев”, ООУ „Александар Македонски”, ООУ „Невена Георгиева Дуња” и ООУ „Конгреси и Манастирит” го проследија филмот „Кариран Нинџа‘‘.