На 7 јуни 2018 г. се одржа работен состанок на Мрежата за медиумска писменост, кој беше отворен и за други организации за да се шират можностите за соработка. Целта на состанокот беше:
– да се претстават три проекти за медиумска писменост кои, во наредните три години ќе ги спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и „Евротинк“, МИМ и МОФ, а кои се финансиски поддржани од Европската Унија;
– да се дискутира за актуелности на полето на медиумската писменост;
– да се отвори прашањето за формата и правците на натамошното делување на Мрежата.
Како што посочи програмскиот директор на Метаморфозис Филип Стојановски, проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ кој го спроведува Фондацијата „Метаморфозис“ во партнерство со „Евротинк“, ќе се спроведува во период од 1 јануари до 31 декември 2020 година. Проектот има за цел да ја промовира медумската писменост како основа за зачувување на правото на граѓаните да имаат различни мислења, преку стимулирање на култура за критичко размислување, плурализам на мислења и демократски вредности. Горан Лазаров, координатор на проектот од Евротинк, појасни дека во тек е повикот за доделување на првиот круг мали грантови, во висина од 5.000 – 7.000 евра за 8 партнерства меѓу граѓански организации, медиуми и други чинители, по едно во секој од осумте плански региони. Повикот ќе трае ќе трае до 6 јули 2018 година, а повеќе информации за проектот се достапни на линкот http://crithink.mk/bara-e-za-aplikacii-grantovi-za-gra-anski-organizacii-vo-ramki-na-proektot-kritink/.
Претставничката на Младинскиот образовен форум, Стефани Спировска го образложи „Проектот за младинско изразување“, насочен кон поттикнување и општествено активирање на младите преку низа активности кампањи и обуки, во кој партнери се Центарот за балканска соработка Лоја од Тетово и Младинска алијанса Крушево. Се планираат младински дебатни клубови, креирање декларација за слободата на изразување и младите, истражување за социјалниот капитал кај средношколците и студентите и поддршка на младински организации. Предвидено е во општините Тетово, Куманово, Скопје, Велес, Неготино, Крушево Битола и Струга да се организираат работилници за конфликтна трансформација во комуникацијата и обуки за ненасилна комуникации. И овој проекти предвидува мали грантови за градење на капацитетите на младински организации на полето на слобода на изразување, а огласот се очекува да биде објавен во текот на јуни, за што членките на Мрежата ќе бидат дополнително информирани.
Весна Никодиновска од Македонскиот институт за медиуми, го претстави проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, кој ќе го реализира МИМ во соработка со Институт за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за медиуми и различности од Лондон. Целта на овој проект е да им се помогне на корисниците на социјалните мрежи да станат поинформирани конзументи на онлајн вестите и информациите, како и одговорни активни граѓани; да се поттикне дебата за писменоста за вести и дигиталната писменост меѓу новинарите, при што во преден план се ставени економските и социјалните предуслови за слободата на изразувањето; како и да се подигне знаењето на ГО за да можат ефективно да се справуваат со лажните вести, дезинформациите и неетичкото известување во медиумите. За проектот е предвидено да се доделат грантови од 8.000 евра на 6 граѓански организации, а огласот за нив треба се очекува да се распише идната седмица, за што Мрежата ќе информира и на посебната е-адреса и преку веб страницата www.mediumskapismenost.mk.
На средбата, Емилија Петреска-Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги пренесе најновите европски искуства во поглед на функционирањето на мрежите за медиумска писменост, кои се нотирани и во Препораката на Советот на Европа за плурализам во медиумите и транспарентност на медиумската сопственост, од 7 март 2018 година. Во Препораката, меѓу другото, се образложува врската меѓу медиумската писменост, плурализмот на медиумите и транспарентноста на сопственичката структура. Во тој контекст се посочува дека земјите-членки треба да го преразгледаат сопственото законодавство за да се утврди каде и на каков начин треба да се вклучи медиумската писменост, таа да стане интегрален дел на образованието на сите нивоа, вклучувајќи го и доживотното учење, односно да развијат координирана национална политика за медиумска писменост и да обезбедат нејзина операционализација преку обезбедување соодветни ресурси. Клучна стратегија би можела да биде поддршката за создавање координирана национална мрежа за медиумска писменост, таму каде што нема, или пак понатамошен развој на мрежата, онаму каде што веќе постои – каков што е случајот со Република Македонија.
Во оваа насока беше навестено, дека годинава завршува актуелната Програма за поттикнување на медиумската писменост и оти наесен Агенцијата ќе изготви преглед на досега спроведените активности и планира да изработи документ за политики, во кој ќе бидат дадени насоки за промовирање и поддржување на развојот на медиумската писменост. Освен ова, беше посочено и дека искуствата од други европски земји говорат оти е потребно да се размисли за внатрешно организирање на членките во Мрежата по области на претежно дејствување и, можеби, за формирање координативно тело, со цел да се интензивира работата.
Во тој контекст Весна Никодиновска ги запозна присутните и со тоа дека МИМ е национален координатор во рамките на регионален проект за формирање мрежи за медиумска писменост и оти, заедно со АВМУ, се размислува на кој начин структурните унапредувања на Мрежата и изработката на документ за политики за медиумската писменост да се вклопат во овој проект.
Емилија Петреска-Камењарова посочи и оти заедно со МИМ се работи на тоа наесен да се донесе странски експерт кој на членките на Мрежата би им го пренел своето искуство во поглед на планирање и реализирање проекти во различните сфери што ги покрива медиумската писменост, а се размислува и за евентуална студиска посета.
Во дискусијата која се разви потоа, Снежана Трпевска од Ресис Институт нагласи дека, за да се овозможи значајно унапредување на медиумската писменост, потребно е надлежните институции да изработат и сеопфатна стратегија за медиумска писменост. Таа, црпејќи од своето искуство со анализирањето на состојбата во Црна Гора, посочи примери за силни страни (на пример посветеноста на црногорското Министерство за образование) наспроти и слабостите (недоволните резултати од предметот медиумско образование како резултат на фактот што тој е факултативен).
Александра Теменугова од Високата школа за новинарство и односи со јавноста информираше дека се разговара за соработка со Бирото за развој на образованието, но оти очекува да има поконкретни информации наредниот месец.
Маја Радванска од „Паблик“ потсети дека списанието „Лице в лице“ е постојано отворено за соработка, се придржува до највисоките етички стандарди во работењето и настојува да објавува информации и новости поврзани со медиумската писменост.
Присутни на овој работен состанок на Мрежата беа претставници од Еквалис, Високата школа за новинарство и односи со јавноста, МИМ, НОВАТВ, МОФ, Конеду глобал, ЦРМ, Метаморфозис, Евротинк, Ресис институт, Паблик, Агенција за филм, Радио МОФ и Канал 77.