Скопје, 26 октомври 2026 – Во организација на Македонскиот институт за медиуми денеска се одржа работилница посветена на предизвиците на младите поврзани со вештачката интелигенција.
На настанот учествуваа ученици од средните училишта „Кочо Рацин“ и „Јосип Броз Тито“ од Скопје, како и од средното училиште „Гоце Делчев“ од Куманово, кои преку дискусија и интерактивни активности имаа можност да ги истражат влијанието на вештачката интелигенција врз секојдневниот живот, медиумите и начинот на кој ги примаат и ги толкуваат информациите.
Посебен акцент беше ставен на препознавањето на содржините генерирани со помош на вештачка интелигенција, како и на предизвиците поврзани со дезинформациите, манипулираните фотографии и видеа и сè потешкото разликување на автентичните од лажните содржини во дигиталниот простор.
Преку практични примери и разговор, учениците имаа можност да размислуваат за тоа како функционираат алатките за вештачка интелигенција, кои се нивните можности и ограничувања и зошто е важно критички да се пристапува кон информациите што ги среќаваат на интернет и на социјалните мрежи.
Работилницата ја истакна важноста на медиумската и дигиталната писменост, особено во време кога развојот на новите технологии го менува начинот на создавање, споделување и консумирање информации. Учесниците дискутираа и за одговорната употреба на вештачката интелигенција, потребата од проверка на изворите и значењето на човечката процена при донесувањето одлуки.






