Жалбите што денеска, на јавна седница, ги разгледуваше Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) главно се однесуваа на плагијаторство, или т.н.”copy-paste” новинарство (прекршување на чл.12 од Кодексот на новинарите), нарушени авторски права, плагијати, неконтактирање на втората страна во сториите.
Комисијата составена од Мирче Адамчевски, Снежана Трпевска, Мери Јордановска, Димитар Мицев и Теофил Блажевски разгледуваше 11 жалби кои биле доставени до нив поради прекршување на новинарските стандарди, и беше интересна тема за 30-ина студенти од повеќе универзитети, кои учествуваа во расправата со свои размислувања и прашања.
На седницата на комисијата за жалби присуствуваа студенти од различни универзитети, со цел да се запознаат со Кодексот на новинарите и етичките стандарди во известувањето и да се запознаат со работата на СЕММ. На присутните им беше објаснет и процесот на разгледување жалби и донесување одлука, а дополнително им беа образложени и насоките за етичко известување во онлајн медиумите.
Јавната седница е дел од содржините на “Деновите на медиумска писменост”, и активност на СЕММ поддржана од УНЕСКО, во проектот “Градење доверба во медиумите на ЈИ Европа: поддршка за новинарството како општо добро”.