Во организација на Коалицијата Маргини на 1 ноември во период од 11:00 – 12:00 часот, преку платформата Зоом, ќе се одржи онлајн презентација на резултатите од студијата „Моралната паника и претставата на ЛГБТИ во медиумите“. На настанот можете да се приклучите преку линкот https://us02web.zoom.us/j/86253970233
Што е морална паника? Кои се фазите на нејзиниот развој? Кои се поводите и причините за нејзин почеток и во кои услови таа успева да се одржи? И, најзначајно од сè, колкави и какви сè може да бидат последиците од неа се дел од прашањата за кои ќе се дискутира.
Презентацијата на резултатите од студијата „Моралната паника и претставата на ЛГБТИ во медиумите“ дава одговори на овие прашања, испитувајќи го случајот на појава на овој феномен во Северна Македонија првата половина на 2021 година. Моралната паника во домашниот контекст е испитувана во релација со промените на план на образованието, што се поврзаа со родовиот идентитет и сексуалноста и имаа директен ефект врз претставата на ЛГБТИ.
Моралната паника претставува процес во кој одредена состојба, епизода, личност или група на луѓе добиваат статус на носители на закани за надразливите прашања, како на пример оние што ги засегаат: децата, родителите, семејните вредности и националниот идентитет. Во рамки на моралната паника тие се означуваат како непријатели кои создаваат страв кај јавноста. Како резултат на тоа поединци ја предизвикуваат јавноста да реагира, по настапува општествена промена што повлекува стигматизација и насилство врз лицата што се гледаат како предизвикувачи на непосакуваните промени.
Поради ваквата развојна природа на оваа појава, анализата ги следи брановите на моралната паника од дефинирањето на заканата и непријателот, до појавата на повици за акција што содржат конкретни дијагнози и решенија за отстранување на проблемите од јавниот простор. Студијата на случај се фокусира на улогата на медиумите во создавањето на моралната паника и нивната одговорност во споделувањето на прилози врзани за клучните теми што ја придвижуваат нејзината појава.
„Моралната паника и претставата на ЛГБТИ во медиумите“ е дел од поголемо истражување насловено „Сексуалните малцинства, родот и медиумите: Анализа на медиумското покривање на темите поврзани со ЛГБТИ заедницата и родово заснованото насилство“, во авторство на Ирена Цветковиќ [Гл. истраж.], Мања Величковска и Елена Гаговска.
Наодите од анализата ќе ги презентира авторката на студијата на случај Мања Величковска, книжевничка, истражувачка и проектна асистентка во Коалиција МАРГИНИ.
Настанот е реализиран од страна на Коалиција МАРГИНИ и е дел од програмата на Деновите на медиумска писменост 2022 во организација на Мрежата за медиумска писменост. За целата програма на ДМП 2022 Дознајте повеќе на www.mediumskapismenost.mk
#МрежаЗаМедиумскаПисменост
#МедиумскаПисменост