Скопје, 22.10.2019 – Под мотото „Застани, размисли, провери!“ почнувајќи од денес, па се до 15 ноември, во организација на Мрежата за медиумска писменост се одржуваат Денови на медиумска писменост. На овој начин, земјава се вклучува во одбележување на осмата Глобална недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.

Во текот на четири седмици, граѓаните ќе имаат можност да се вклучат во триесетина работилници, дебати, вебинари, отворени денови и други настани фокусирани на различни аспекти од медиумската писменост. Целта на Деновите на медиумската писменост, меѓу другото е да ja подигне јавната свест за важноста на медиумската писменост, со неа да се запознаат различни категории граѓани од сите возрасни групи (деца, млади, возрасни и пензионери), да се стекнат со вештини за медиумска писменост, да се обезбеди платформа за соработка, размена на искуства и развој на одржливи проекти за медиумската писменост.

Како што информираше директорот Зоран Трајчевски на денешната прес-конференција, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на Деновите на медиумска писменост, учествува со неколку настани. Отворени денови за посета на Агенцијата се 31 октомври и 1 ноември, кога сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност одблизу да се запознаат со нејзините надлежности, но и да научат нешто повеќе за медиумската писменост.

На Конференцијата на 14 и 15 ноември, ќе бидат презентирани резултатите од истражувањето на нивото на медиумска писменост кај возрасните и кај бруцошите, реализирано со поддршка на ОБСЕ, ќе се одржи дебата на тема онлајн потрошувачка и работилница за медиумска писменост со подмладоци на политички партии. Меѓу планираните настани е и Саем на кој ќе биде претставена работата на членките на Мрежата.

На прес-конференцијата се обратија и претставниците на Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии, Советот за етика во медиумите на Македонија, Евротинк, Фондацијата Метаморфозис, Институтот Охрид, Младинскиот образовен форум, ВЕЗ – Вредност за европско знаење, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Женската граѓанска иницијатива Антико, кои се активно вклучени во реализацијата на Деновите на медиумска писменост.

За потребите на Деновите на медиумска писменост, со поддршка на Јавниот сервис, адаптиран е аудио спот на македонски и албански јазик и видео спот на македонски и албански јазик, кој во оригинална форма е изработен од Мрежата за медиумска писменост на Ирска и нивното регулаторно тело БАИ. Спотовите веќе се емитуваат на медиумите со цел граѓаните да се информираат за настаните за медиумска писменост.