На 11.12.2020 година (петок), на платформата GoToMeeting, се одржа онлајн презентација на Комуникациската стратегија на Мрежата за медиумска писменост 2021 – 2023. На презентацијата присуствуваа: Виктор Стојанов (АВМУ), Емилија Петреска – Камењарова (АВМУ), Марина Трајкова (АВМУ), Билјана Бејкова (НВО Инфоцентар), Билјана Ј. Кордалова (ИДУЕП), Јасмина Јакимова (Радио МОФ), Марина Тунева (СЕММ), Весна Никодиновска (МИМ) и Наташа Чавдаровска (Форум 16).
Изработката на Комуникациската стратегија на Мрежата за медиумска писменост 2021 – 2023 беше технички и финансиски поддржана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Ваквата поддршка произлезе од Меморандумот за соработка помеѓу АВМУ и ОБСЕ, кој беше потпишан на 8 јули 2019 година. Стратегијата ја изработи Марина Тунева (СЕММ), која воедно беше избор на Мисијата на ОБСЕ како признаена експертка во оваа област.
Некои од главните поенти во презентацијата на Комуникациската стратегија беа:
Комуникациската стратегија на Мрежата за медиумска писменост 2021 – 2023 година го дефинира стратегискиот пристап во комуникацијата, нуди преглед на активности и комуникациски алатки за надворешна комуникација, како и преглед на алатки за внатрешна комуникација.
Комуникациските цели на Стратегијата се следниве:
- Да се зголеми свесноста за постоењето и функционирањето на Мрежата за медиумска писменост и нејзините цели, преку вклучување и соработка на сите нејзини членки и целните групи.
- Да се промовира медиумската писменост како неопходен предуслов за побогат медиумски пејсаж, можност за зголемување на знаењето на публиката за начинот на којшто функционираат медиумите, како и за активно граѓанство во општеството
- Да се поттикне синхронизирана и конзистентна комуникација од страна на координативната групи, работните групи и сите членки на Мрежата за медиумска писменост.
- Да се поттикнат различни групи од интерес да учествуваат во промоцијата на медиумската писменост, во согласност со нивните деловни и стратегиски приоритети.
Дефинирани се пораки кон следниве целни публики:
- Општа јавност
- Членки на Мрежата за медиумска писменост
- Државна администрација
- Влада
- Министерство за образование и наука
- Биро за развој на образованието (БРО)
- Министерство за информатичко општество и јавна администрација (МИОА)
- Министерство за труд и социјална политика (МТСП)
- Министерство за внатрешни работи/Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика
- Образовни установи
- Средни и основни училишта
- Високообразовни установи
- Медиуми (комерцијални ТВ, радија, онлајн медиуми, весници, агенции, медиумски платформи)
- Јавен сервис
- Креативни индустрии/уметничка и културна сцена
- Бизнис сектор
- Меѓународни организации
- Граѓански сектор
- Донатори (домашни и меѓународни)
Дел од главните препораки во однос на надворешната комуникација на Мрежата се следниве:
• Користење на веб-страниците/ФБ профилите на членките за да се пласираат информации за поголемите активности, резултати на Мрежата, а во ресурсите што ги продуцираат членките, како и на настаните и активностите што тие ги спроведуваат, може да се интегрираат информации за Мрежата и за нејзината мисија.
• Редовна соработка со медиумите. Комуникацијата со медиумите е од особено значење за навремено информирање на јавноста во врска со поважните активности и резултати на Мрежата и нејзините членки, како и заради остварување стратегиско партнерство со нив во промоцијата на мисијата на Мрежата.
• Пишување блогови. Автори на блогови би можеле да бидат претставници на членските организации/институции кои би се објавувале на веб-страницата, ФБ-страницата, како и на веб-страниците/ФБ страниците на членките, со цел да се афирмира Мрежата и концептот за медиумска писменост. Истовремено, самата Мрежа може да реобјавува блогови објавени на веб-страниците/платформите/социјалните мрежи на членските организации/институции.
• Креирање и реализација на едукативни и информативни кампањи (како што е, на пример, камањата во рамки на „Деновите на медиумска писменост“).
• Организирање различни тематски дискусии, доделување признанија за медиуми што активно ја поддржуваат медиумската писменост, настани во рамки на училиштата, презентации во средини и оргаинзации.
• Редовна размена на информации со меѓународни мрежи/асоцијации. Информациите околу позначајни информации/ресурси, Мрежата може да ги искористи за публицитет во различни форми (во изјави за медиумите, објавени на социјалните мрежи и сл.) Информациите од ГАПМИЛ може да се праќаат до медиумите.
• Организирање обуки на различни теми од организации што членуваат во Мрежата (како, на пример, за користење на дигитални алатки).
Во однос на внатрешната комуникација, се препорачува:
• Редовно информирање на сите членки во Мрежата за најновите случувања со кратки, сумарни информации.
• Календар на активности. На календарот ќе се сместуваат информации поврзани со претстојни активности, поважни посети итн.
• „Форум за сугестии“ од членките на Мрежата. Контактирање на членките на месечна или квартална основа со предлог за сугестии/идеи за подобрување на работата и за зголемување на ефикасноста во дејствувањето на Мрежата.
Во однос на внатрешната комуникација, се препорачува:
- Редовно информирање на сите членки во Мрежата за најновите случувања со кратки, сумарни информации.
- Календар на активности. На календарот ќе се сместуваат информации поврзани со претстојни активности, поважни посети итн.
- „Форум за сугестии“ од членките на Мрежата. Контактирање на членките на месечна или квартална основа со предлог за сугестии/идеи за подобрување на работата и за зголемување на ефикасноста во дејствувањето на Мрежата.
По презентацијата, присутните имаа можност да дискутираат во врска со документот.
Наташа Чавдаровска (Форум 16) предложи да се изнајдат начини на евалуација на импактот од Комуникациската стратегија.
Весна Никодиновска (МИМ) и Наташа Чавдаровска (Форум 16) предложија во делот каде се наведени институциите во рамки на државната администрација да влезе Министерството за внатрешни работи/Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, бидејќи тие се надлежни за справувањето со говорот на омраза во онлајн просторот.
Емилија Петреска – Камењарова (АВМУ) ги информираше присутните дека набргу се планира и нов дизајн на веб страницата на Мрежата за медиумска писменост, кој ќе се оствари преку јавна набавка. Во процесот на изготвување на нов дизајн ќе бидат добредојдени сите сугестии на членките на Мрежата. Дополнително, таа информираше дека за следната година се планира члената РЕСИС да спроведе работилница за Насоките за етика во истражувањата на медиумската писменост. Форматот на настанот ќе биде дополнително утврден и ќе зависи од состојбата со пандемијата предизвикана од Ковид – 19.
Весна Никодиновска (МИМ) сугерираше документите на новата веб страница да бидат тематски групирани, со што ќе се олесни пристапот до нив.
Комуникациската стратегија на Мрежата за медиумска писменост 2021 – 2023 беше одобрена од сите присутни на презентацијата.