Битола, 28 април, 2022 – Со настан за вмрежување на младите со компании и граѓански организации од Битола и регионот, денеска се отвори Младинскиот центар – Млади Хаб во Битола. Просторот е предвидено да служи како простор за работа, вмрежување и организирање на активности што бесплатно ќе им стои на располагање на младите во регионот.
„Општина Битола континуирано работи на изнаоѓање начини за поддршка на младите од целиот регион, затоа што само на тој начин можеме сите зеднички да дадеме придонес кон задржувањето на новите генерации. Токму поради тоа, општина Битола ќе ја исполни својата законска обврска и ќе распише повик за избор на младинска организација или организација за млади која ќе продолжи да раководи со овој младински центар, во согласност со Законот за младинско учество и младински политики. На овој начин општината ќе обезбеди простор каде ќе се подготвуваат и спроведуваат програми кои ќе ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите” – изјави д-р Тони Коњановски, Градоначалник на Општина Битола. Mладинскиот центар – МладиХаб се отвори во рамки на проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите” финансиран од Британската амбасада во Скопје и спроведуван од Национален младински совет на Македонија во соработка со CEED Hub Скопје.
„Младите имаат органичени можности да учат и да ги практикуваат своите вештини во реалноста. Ним им требаат можности да се ангажираат со компаниите и бизнисите во почетокот на нивниот работен век за да можат да стекнат искуство во реалниот свет. Британската амбасада ги поддржува локалните организации во отворањето на повеќе можности за младите, поддржувајќи ги нивните вештини и можности за стекнување практично искуство. Целта на оваа поддршка е да се вгради систем кој им обезбедува на младите вештини и компетенции кои ќе им помогнат да најдат вработување и да постигнат сопствена економска независност“ – посочи Рејчел Галовеј, амбасадорката на Британската амбасада во Скопје.
На денешното отворање присуствуваа млади лица од општината и регионот кои имаа можност да се запознаат со претставници од различни компании и организации и со нив да разговараат за можностите и отворените позиции кои ги имаат во моментот. МладиХаб канцеларијата во Скопје функционира повеќе од 2 години и секојдневно се користи од страна на младите како простор за организирање на состаноци, средби, работилници и настани. Со отворање на првата регионална канцеларија во Штип и Младинскиот центар – Млади Хаб во Битола, Националниот младински совет на Македонија цели да го прошири својот опфат и да вклучи што повеќе млади во своите проектни активности.
„Во рамки на проектот во изминатите 3 години понудивме најразлични можности за унапредување на позицијата на младите во општеството, започнувајќи со обуки за зајакнување на IT вештини па се до програми за практикантство, поврзување на млади со работодавачи и зголемување на самодовербата на младите при стапување на пазарот на трудот. Но она што особено нѐ прави горди е отворањето на ваквите центри за млади во неколку градови во земјата вклучувајќи го и овој центар во Битола. Со овој простор сакаме да обезбедиме одржливи ресурси за континуирана поддршка на младите во секоја сфера од нивниот живот. Ваквите резултати се единствено возможни со заедничко залагање на сите засегнати страни, локалните младински организации, општините но и донаторската заедница, и верувам дека сите вклучени во процесот на воспоставување на овој центар ќе продолжиме со поддршката и ќе овозможиме поголем број на активности за поддршка на младите” – изјави Мариана Ангелова, Генерален секретар на Национален младински совет на Македонија.