Во петокот на 9ти јуни 2023 година, во Младинскиот културен центар, по дванаесетти пат се одржа настанот за социјален активизам, организиран од Радио МОФ и Младински образовен форум „ENGAGE 2023“. Темите на овогодишниот „ENGAGE“ беа феминизмот и младинскиот активизам, на кој домашни и странски активисти споделија знаења и искуства поврзани со граѓанска ангажираност, култура, социјална промена, човекови права, дигитална демократија, слобода на говор, активизам и медиуми.
Преку микрофонот на „ENGAGE 2023“ се споделија лични инспиративни приказни од онлајн активизмот, феминизмот и работничките права, па сè до читање слем поезија и борбата за глас на маргинализираните граѓани. Црногорската активистка Николина Павиќевиќ, зборуваше за предноста на дигиталниот, наспроти традиционалниот активизам. Таа посочи примери за „Rainbow washing“ – капиталистичка алатка која ја користат корпорациите, или „Pink washing“, што исто се користи во форма на активистички натписи, но всушност за тоа се користат маици што ги прават текстилни работнички во ужасни услови. Џералдина Гера Гарсес од Еквадор зборуваше за различните видови женски активизам во Латинска Америка. Таа истакна дека не може да се зборува за слобода, мир и развој без учество и глас на жените: „Сакаме да сме живи. Тоа е активизам против насилство. Во Латинска Америка ние жените сме жртви на многу суров начин. На пример, во Еквадор, на секои 23 часа се случува еден фемицид. 6 од 10 жени биле жртви на насилство. Латинска Америка се смета за втор најсмртоносен регион во светот“. На „ENGAGE“ слем феминистичка поезија читаше Аделина Тершани од Косово, која исто така зборуваше за проблемот со фемицидот: „Жените во Косово не се добро претставени и пазарот на трудот и само 20% од жените се вработени. Тие најчесто прават неплатена работа и семејството не го препознава тоа. Гледаме дека ситуацијата се подобрува заради младите луѓе и феминистичките движења. Тоа не прави да се чувствуваме подобро и важно ни е да бидеме гласни зошто знаеме дека промената ќе биде спора“. Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ објасни како од мала организација прераснале во влијателен фактор за заштита на правата на работничките: „Денеска сме една од најактивните организации кога се работи за работниците од целиот приватен сектор. Попризнаени сме надвор од државата. Во Македонија ги направивме првите штрајкови по многу долг период, покренувавме кривични пријави против работодавци. Даваме бесплатна правна помош. Само за короната дадовме помош на над 12.000 работници, со што го зацврстивме својот легитимитет. Исто така, над 450 тужби добиени од 2014 година. Затоа, порака е дека не треба да траете над неправдите! Порано не смееше да се збори за газдите, а сега текстилните работнички се охрабрени“.
Во рамки на овогодинешното издание на настанот за социјален активизам „ENGAGE“, присутните учествуваа и во неколку работилници – реупотреба на стара облека со техника на сито принт организирана од „Партизанска штампа“, техники за справување со стрес и дишење со СиФу Предраг Петрески, како и техники за преживување на планина со експерти од Планинарски Клуб „Македон“.
Вечерта беше посветена на „ENGAGE: Тhe night“, која беше преземена од „Гола Планина колектив“. Четири часа присутните уживаа во музиката на нови, млади бендови: „КЕМ“, „Zanadu“, „The Ooz“, „Niandra“, „Sivert“ и „Rend“.
Преку „ENGAGE“, МОФ и Радио МОФ се стремат да го подигнат нивото на информираност на граѓаните, нивната присутност и активно делување, како онлајн, така и во физичкиот простор.