Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Европската федерација на новинари (ЕФН) и Иницијатива за Европска Перспектива (ИЕП), во рамките на Меѓународната недела на медиумска писменост, денеска ја презентираа иницијативата „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ“ која има за цел да придонесе кон создавање поволна средина во која ќе се негува слободата на изразување и слободата на медиумите.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски ја истакна потребата од создавање креативна атмосфера за слободно и независно новинарство.
„Преку академијата ќе се обидеме да создадеме уште поподготвени новинари кои ќе бидат темелот на доброто информирање. На тој начин ќе се влијае на јавноста во насока на тоа да добијат точна, проверена и навремена информација, што е наша заедничка крајна цел. Потребата за градење капацитети во новинарството останува висока поради тековните, брзи промени во областа. Новинарите, и млади и искусни, мора да бидат приспособливи и континуирано да ги надградуваат своите вештини за да се справат со предизвиците на медиумскиот пејзаж кој постојано еволуира, додека ги поддржуваат основните вредности на новинарството. Мисијата на ЗНМ преку академијата е да придонесе кон градење на таа поволна средина“, рече Чадиковски.
Генералниот секретар на Европската Федерација на новинари Рикардо Гутиерез изјави дека оваа иницијатива е од исклучително значење за слободните новинари, особено денес во ера кога новинарството е под постојан притисок за промени на подобро.
„Тренингот е потребен повеќе од било кога земајќи ги предвид заканите кон новинарите и нивната безбедност. Посебен акцент треба да се даде на дигиталната безбедност и етичките предизвици со кои се соочуваат новинарите при вистинската и погрешната употреба на вештачката интелигенција. Според мене, ова се двете главни прашања за кои ни се најмногу потребни дополнителни вештини. Важно е да кажеме дека обуките на новинарите се со цел да се добијат повеќе квалитетни и кредибилни информации, бидејќи ние не сме овде само заради професијата туку пред се за јавноста како краен консумент“ рече Гутиерез.
На настанот „Многу лица, една мисија“ што се одржа во ААВМУ, свој придонес во презентирање на идните активности на академијата за новинари и медиумски работници дадоа Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ, Елена Миленкоска – Михаиловска, претседателка на Иницијатива за Европска Перспектива и Давор Пашоски кој беше на улога на надворешен соработник во изработка на анализа на претходно спроведената анкета.