Во понеделник, 31 октомври 2022 во 13 часот, во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, се одржа состанок на Мрежата за медиумска писменост.
На состанокот присуствуваа Емилија Петреска – Камењарова (АВМУ), Сашо Богдановски (АВМУ), Виктор Стојанов (АВМУ), Марина Трајкова (АВМУ), Ивана Стојаноска (АВМУ), Марина Тунева (експертка за медиуми), Бојан Шашевски (МОФ), Даниела Станковска – Плачковска (Агенција за филм), Зоран Златковски (ВЕЗ Трејд), Гонце Јаковлевска (МЦМС), Олга Самарџиќ – Јанкова (Конеду Глобал), Весна Никодиноска (МИМ), Мими Ѓоргоска Илиевска (филмски работник), Билјана Настеска-Каланоска (ЗНМ), Ана Цветковска (МИА), Сашко Панајотов (МИА), Емира Љама (ИРЕКС), Дарко Башески (Планет-М), Александра Јанкова (Конеду Глобал), Миранда Ала Речи (Кинотека на РСМ), Жаклина Хаџи Зафирова (СЕММ) и Фросина Крушаровска (Евротинк).
Состанокот беше свикан со следниот дневен ред:
- Резултати од гласањето за два члена на Координативната група на Мрежата;
- Како помина годината (нови членки во Мрежата, членството во ЕМИЛ, претставување на Мрежата пред европските регулатори, итн.);
- Информација за активностите на Работната група за филмска писменост на Мрежата;
- Разно.
Координаторката на Мрежата, Емилија Петреска – Камењарова го водеше состанокот. Како дел од првата точка на дневниот ред констатираше дека на Весна Никодиноска и на Олга Самарџиќ – Јанкова им истекоа двегодишните мандати и ги претстави резултатите од гласањето за избор на два члена на Координативната група на Мрежата, организирано како онлајн гласање, преку платформата Google Forms кое траеше од 21 до 26 октомври. Гласањето беше спроведено така што секоја членка на Мрежата можеше да даде еден глас за еден од тројцата номинирани кандидати, Весна Никодиноска, Бојан Шашевски и Кујтим Касами. За нов член на координативната група беше избран Бојан Шашевски, а Весна Никодиноска беше реизбрана со мандат од 2 години.
Емилија П. Камењарова, во насока на информирање за работата на Мрежата во изминатата година, а и за меѓународната активност на истата, ја пред присутните ја претстави презентацијата, која првично беше наменета за состанокот на ЕМИЛ на кој беше претставена работата на Мрежата за медиумска писменост пред европските регулатори. Притоа напомена дека земјава е една од првите во Европа, која има создадено ваков вид на Мрежа, со вклучување на различни чинители во општеството кои можат да придонесат во оваа сфера. Таа нагласи дека тоа е препознаено од европските регулаторни тела за медиуми и дека нашите искуства за ваков вид вмрежување се корисни за голем број европски земји. Презентацијата послужи и како потсетник за минатите настани кои беа дел од Денови на медиумска писменост во 2019, 2020 и 2021 година и како се движеше напредокот на Мрежата во текот на овој временски период.
Мрежата за медиумска писменост во моментот на состанокот брои 78 членови, а како последна членка се вклучи Медиумската информативна агенција – МИА. Изминатата година беше формирана и нова четврта работна група за филмска писменост со која координира Даниела Станковска – Плачковска од Агенција за филм. Активирањето на новата група за филмска писменост беше поттик оваа година во програмата за ДМП 2022 да биде вклучена посебна филмска програма. Даниела Станковска – Плачковска на состанокот го сподели искуството околу работата во рамките на Работната група за филмска писменост и детали за организирањето и текот на проекциите на филмовите и дискусијата која следеше по прикажувањето. Посебно ги потенцираше придобивките од активирањето на Агенцијата за филм во рамки на Мрежата и од учеството во Деновите за медиумска писменост со посебната филмска програма, кои се од значаен придонес за градење на свеста за инклузивност на кината и се иницијатива за обезбедување капацитети и пристапност за лицата со попреченост и за наредни проекции.
Во отворена дискусија членовите на Мрежата за медиумска писменост ги искажаа своите мислења како може да се подобри работата на Мрежата и како да се направи повидлива за јавноста која не е доволно запознаена со неа. Медиумската експертка и професор на МИМ, Марина Тунева и координаторката на проекти во МИМ, Весна Никодиновска, како членки на Координативната група на Мрежата ја потенцираа важноста од подигнувањето на нивото на медиумската писменост на сите граѓани и потребата за почеста соработка меѓу релевантните чинители. Новиот член на Координативната група Бојан Шашевски предложи да се размисли за идејата Мрежата да отвори профил и на Тик Ток, социјална мрежа која е многу популарна кај младата популација и дека форматот од видеа од 20 секунди може да биде интересен за создавање на содржина за медиумска писменост. Се разговараше и околу важноста на борбата против дезинформации и лажни вести на социјалните мрежи и онлајн порталите и какви активности може да преземат членовите во врска со тој проблем. Истакната беше потребата и за соработка помеѓу четирите работни групи на Мрежата, како и на порано дефинирање на темата на која ќе бидат организирани наредните Денови на медиумска писменост.
Присутните поединци и претставници на медиуми, здруженија и организации ја изразија заложбата за натамошна несебична меѓусебна соработка, почесто користење на Мрежата за комуникација и консултација меѓу различните субјекти во земјава кои работат на подигнувањето на нивото на медиумската писменост на сите граѓани и споделување на ресурси: публикации, истражувања, инфографици, наставни материјали поврзани со медиумската писменост на македонски, албански или англиски јазик за да можат да бидат објавени на веб-страната www.mediumskapismenost.mk и да бидат достапни за пошироката јавност.