Скопје, 19.11.2025 – Споделувањето на клучните ризици со кои се соочуваат новинарите и медиумските работници и механизмите што институциите ги применуваат за нивна заштита беа фокусот на денешната дискусија на стручен настан во Скопје. Учесниците споделија искуства за трендовите во физичките и онлајн закани, за ефектите од новите законски решенија, како и за полициските и правосудните процедури што се активираат при напади кон новинари и медиумски работници.
Посебен акцент беше ставен на улогата на редакциите и регулаторот во создавање побезбедна работна средина, како и на потребата од посилна меѓусекторска координација и побрза, поефикасна институционална реакција.
Во своето обраќање, директорот на ЗНМ, Драган Секуловски, нагласи дека и покрај намалениот број физички напади во 2025 година, работата на новинарите не станува полесна: „Онлајн притисоците растат со секој ден. Наш приоритет е секоја закана од коментар на интернет па до физички напад да биде препознаена и третирана сериозно и институционално.“
Претставникот на Фондацијата Фридрих Еберт, Валон Садики, потенцираше дека безбедноста не е само техничко, туку и општествено прашање: „Новинарите можат да работат слободно само во средина што ги штити. Затоа од особено значење е здружената работа на сите чинители.“
Своето обраќање пред учесниците го имаше и Генералниот секретар на Европската федерација на новинари (ЕФН), Рикардо Гутиерез, кој предупреди дека проблемот со неказнивоста останува клучен: „Кога нема соодветна реакција и одговорност, се создава простор за потенцијални нови закани и напади. Ова е европски, не само локален предизвик.“
На настанот свое обраќање имаше и раководителот на одделението за аудио-визуелни политики во Министерството за дигитална трансформација, Мишко Талески, кој зборуваше за дигитална трансформација и медиумска безбедност, за значењето на дигиталните алатки и системите за поддршка во заштитата на новинарите и медиумските работници.
Свои излагања на настанот имаа и новинарот Огнен Чанчаревиќ од ТВ Телма, кој го сподели своето лично искуство од терен: „Секогаш е потребно детално планирање, понекогаш една секунда внимателно проценување е поважна од целата репортажа. Кога си на лице место, ризиците се многу реални.“
Уредникот на ТВ Алсат, Адриан Керими, потсети на значењето на редакциската поддршка: „Уредникот е тој што мора да обезбеди план, протокол и поддршка. Репортерот не смее да биде оставен да се снаоѓа сам.“
Во рамки на настанот, претставниците на МВР, ОЈО и АВМУ ја нагласија заедничката определба за унапредување на системот за заштита на новинарите и медиумските работници. Претставничката од АВМУ, Ивана Стојановска, даде осврт на улогата на регулаторот во градењето посигурна и поддржувачка медиумска средина. Следеше обраќањето на Помошник-министерот за односи со јавност и стратешки прашања при МВР, Мухамед Исмаили, кој ги претстави актуелните полициски протоколи и процедурите за постапување при напади врз новинари, потенцирајќи дека нивната примена веќе носи позабележлива институционална реакција.
Од правосудниот сегмент, обвинителот Дејан Петревски од Основното јавно обвинителство во Скопје, даде преглед на тековните предизвици во процесирањето случаи поврзани со закани и насилство врз новинари, истакнувајќи ја потребата од континуирана координација меѓу сите надлежни институции.
Настанот заврши со заедничка порака дека подобрувањето на безбедноста на новинарите бара континуирана работа, взаемна доверба и функционални институционални одговори. ЗНМ останува посветено на оваа цел и на активно партнерство со релевантните институции и меѓународни организации.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во соработка со Фондацијата Фридрих Еберт (ФЕС) во Скопје, беа организатори на овој настан, кој се одржа на 19 ноември во Скопје.






