Во петок, 15 ноември 2024, со почеток во 12 часот, онлајн се одржа Годишниот состанок на Мрежата за медиумска писменост за 2024 година како последна активност на Деновите на медиумска писменост 2024. На состанокот присуствуваа Александра Теменугова (ИКС), Маја Раванска (Лице в лице), Дејан Докузовски (ИРЕКС), Снежана Трпевска (РЕСИС), Весна Никодиноска (МИМ), Билјана Настеска – Каланоска (ЗНМ), Марина Тунева, Филип Стојановски (Метаморфозис), Славица Атанасовска (Хелсиншки комитет), Анета Андонова (МРТ), Сашо Богдановски (АВМУ), Виктор Стојанов (АВМУ), Марина Трајкова (АВМУ) и Емилија Петреска – Камењарова (АВМУ).
Состанокот, што го водеше координаторката на Мрежата Емилија Петреска – Камењарова, го имаше следниов Дневен ред:
- Завршување на кандидирањето за членови на Координативната група и координатор(ка) на Мрежата;
- Избор на членови на Координативната група и координатор(ка) на Мрежата;
- Како помина годината – информација од координаторката и од другите членови;
4 Заинтересираност од странски организации за членство во Мрежата;
- Разно.
На почетокот беа соопштени кандидатите за членови на Координативната група и координатор(ка) на Мрежата. Како кандидатки пред состанокот беа пријавени Емилија Петреска – Камењарова (АВМУ), Маја Раванска (Лице в лице), Александра Теменугова (ИКС), Јасна Ерцеговиќ (Ресурсен центар), а на состанокот листата се дополни и за уште една кандидатка, Весна Никодиноска (МИМ). Координаторката на Мрежата посочи дека на овој состанок ќе се изврши избор и на координатор(ка) на Мрежата како и на членови на Координативната група бидејќи на сите им е истечен мандатот од 2, односно 3 години. Беше отворена дискусија за тоа дали Мрежата треба да продолжи со скалест мандатот на членовите или да се премине на мандат со исто времетраење за сите членови, како и дали треба да се продискутира за тоа со какви квалификации треба да бидат членовите на Координативната група.
Весна Никодиноска посочи дека е добро да се ротираат и менуваат луѓето кои се дел од Координативната група, со тоа што разликата во мандатот овозможува групата да има континуитет во работата, а во него да влезат и нови луѓе. Нејзиниот предлог беше да остане траењето на мандатот како што е и досега. Александра Теменугова исто така се вклучи во дискусијата со став дека се пријавува за членка на Координативната група со мандат од 2 години исто како и Весна Никодиноска. Од дискусијата произлезе дека останатите 3 кандидатки, Емилија Петреска – Камењарова, Маја Раванска и Јасна Ерцеговиќ се кандидираат за членови со мандат од 3 години.
Пред да се премине на втората точка од дневниот ред, гласањето, координаторката на Мрежата го отвори прашањето за тоа дали присутните претставници во Мрежата сметаат дека осум членки се доволно за избор на Координативната група и дали ни е потребна поголема репрезентативност, имајќи предвид дека Мрежата брои вкупно 86 членови. За ова зема збор Марина Тунева која посочи дека изборот треба да се направи од активните членки на Мрежата, бидејќи имаше неколку обиди да се вклучат и останатите членки, но одѕивот вообичаено е мал. По ова се премина на гласање кое, по предлог на Снежана Трпевска, се спроведе за сите членови наеднаш. Со акламација беа избрани петте членки на Координативната група, а реизбрана беше и единствената кандидатка за координаторка на Мрежата, Емилија Петреска – Камењарова.
По гласањето се премина на дискусија за тоа како поминала годината од аспект на новостите и активностите на Мрежата. Емилија Петреска – Камењарова сподели став дека – тоа што македонската Мрежа стана членка на меѓународната мрежа Media and Learning Association (М&ЛА) на покана од Асоцијацијата, е доволен доказ дека нашата Мрежа е веќе препознаена интернационално. Во два наврати досега М&ЛА се обратила за поддршка од македонската Мрежа: еднаш за Асоцијацијата да конкурира за проект финансиран од ЕУ, а вториот пат, преку М&ЛА, Европската опсерваторија за дигитални медиуми (ЕДМО) се обрати за поддршка на нивните Насоки за оценување на проектите во сферата на медиумската писменост. Во обата случаи Мрежата даде поддршка. Преку овие организации беа споделени и истражувањата изработени од страна на членките на Мрежата и беше споделен текст кој беше објавен во октомвриското издание на онлајн-списанието на М&ЛА.
Александра Теменугова зема збор и кажа дека преку Мрежата и благодарение на АВМУ, се оствари контакт со М&ЛА за соработка во врска со активностите на ИКС за воведување на медиумската писменост во високо образование. Во јануарското издание на оваа организација ќе биде посочено што се ИКС прави со проектот Младите размислуваат, а на крајот на февруари/почеток на март претставници на Media and Learning Association ќе бидат гости на симпозиумот којшто ИКС го организира секоја година.
Емилија Петреска – Камењарова ги повика останатите присутни членови на Мрежата кои се присутни на состанокот да споделат нивни искуства и впечатоци за овогодинешното издание на Денови на медиумска писменост 2024. Билјана Настеска – Каланоска од ЗНМ сподели дека се навистина задоволни од целата поддршка и соработка со АВМУ и дека овогодинешниот настан организиран од ЗНМ во рамки на ДМП 2024 помина и подобро од минатата година со поголема посетеност и медиумска покриеност. Од самиот настан биле изработени и куси видеа кои имале добар одзив на социјалните мрежи каде што биле споделени. Анета Андонова од МРТ сподели дека нејзиниот впечаток е дека работата на Мрежата добива поголема видливост со Деновите на медиумска писменост.
Маја Раванска зеде збор и сподели информации дека настанот којшто го организираа Лице в лице и ГРИТ во Пробиштип помина добро и се заблагодари од АВМУ и на Сашо Богдановски кој што беше гостин на настанот за придонесот, посочувајќи дека сега и други училишта од Пробиштип и Злетово изразиле интерес за повеќе такви активности за децата во основните училишта.
Емилија Петреска – Камењарова ја отвори и темата за организација на ДМП2025, бидејќи наредната година се планирани локални избори кои се поклопуваат со периодот кога се организираат Деновите на медиумска писменост. Беше даден предлог ДМП2025 да се организираат наредната година подоцна, за да нема поклопување со изборната кампања. Останатите присутни членови на МП, го прифатија предлогот на координаторката.
Координаторката ги повика присутните да дадат предлози за нови активности на Мрежата и како поактивно да се споделуваат информации во рамки на мејлинг групата на Мрежата. Билјана Настеска – Каланоска го сподели своето мислење за онлајн списанијата кои се споделуваат и даде предлог информациите да се споделуваат со куси видеа, постови на социјалните мрежи. Снежана Трпевска дискутираше за тоа како да се зголеми активноста на Мрежата, и смета дека треба да се повикаат и останатите членови на Мрежата да споделат дополнителни информации за сопствените активности, поврзани со медиумската писменост. Нејзиниот предлог беше newsletter-от да се обидеме да се споделува еднаш месечно или квартално.
Виктор Стојанов даде предлог Мрежата да отвори свој профил и на LinkedIn за таму да можат да бидат споделувани информациите за активностите на Мрежата за медиумска писменост.
Марина Тунева се вклучи со предлог за заеднички иницијативи со останати Мрежи и организации во државата, на пример со Мрежата против говор на омраза во медиумите.
По ова се премина на следната точка на дневниот ред, на која беше споделено од страна на координаторката дека меѓународната организација International IDEA, којашто во моментов работи на проект за борба против странско вмешување и манипулација со информации особено во време на избори, а којшто се спроведува и во нашата земја, беше заинтересирана за работата на АВМУ и што може да биде тема за соработка. Оваа организација покажа заинтересираност да стане членка на Мрежата. Ова прашање беше дискутирано од страна на сите присутни, кои заклучија дека нема формална пречка за учество на странска организација во Мрежата, туку треба да се утврдат дадени критериуми кој се може да се приклучи на истата. Споделувањето на поважните информации можеби ќе треба да биде и на македонски и на англиски јазик, но ова прашање остана отворено дополнително да се размисли.