Белешка од состанокот на Мрежата за медиумска писменост одржан во рамките на Денови на медиумска писменост 2021
На 29.11.2021 год., преку онлајн платформата Zoom, беше одржан годишниот (онлајн) состанок на Мрежата за медиумска писменост, кој традиционално се одржува во рамките на Деновите на медиумска писменост. На состанокот присуствуваа: Емилија Петреска – Камењарова (АВМУ), Сашо Богдановски (АВМУ), Виктор Стојанов (АВМУ), Марина Трајкова (АВМУ), Снежана Трпевска (Институт РЕСИС), Бојан Шашевски (МОФ), Даниела Станковска – Плачковска (Агенција за филм), Димитар Димовски (Фокус Покус), Гонце Јаковлевска (МЦМС), Марина Тунева (СЕММ), Олга Самарџиќ – Јанкова (Конеду Глобал) и Весна Никодиноска (МИМ). На состанокот се разговараше за следните точки:
Состанокот беше свикан со следниов Дневен ред:
- Констатирање на продолжувањето на мандатите на Снежана Трпевска, Марина Тунева и Емилија Петреска-Камењарова во Координативната група,
- Констатирање на продолжувањето на мандатот на Емилија Петреска-Камењарова како координаторка на Мрежата,
- Реактуелизирање на формирањето работна група за филмска писменост,
- Информација за новиот веб сајт и другите преземени активности во текот на годината,
- Разно
- Во однос на првите две точки од Дневниот ред, а во врска со истекувањето на двегодишните мандати на три членки на Координативната група (Снежана Трпевска, Марина Тунева и Емилија Петреска – Кампењарова) и на координаторката на Мрежата (Емилија Петреска – Камењарова), во изминатиот период беше отворен процесот на онлајн кандидирање и гласање за нови членови/членки на Координативната група како и за нов/а координатор/ка. При комуникацијата во рамки на Мрежата, беше договорено дека, доколку има пријавени нови кандидат(к)и – ќе се гласаат на годишниот состанок, а доколку нема – ќе се смета дека колешките се реизбрани, повторно со мандат од две години. Во однос на ова прашање, единствено претставниците на МОФ испратија и-мејл во кој се изјаснија дека даваат поддршка за продолжување на мандатот на постоечките членки и координаторката. Имајќи ја предвид ваквата фактичка ситуација, беше заклучено дека тие се реизбрани со мандат од две години.
- Согласно третата точка од Дневниот ред со која беше предвидено реактуелизирање на формирањето работна група за филмска писменост, координаторката Емилија Петреска – Камењарова (АВМУ), ги потсети присутните на документот „Препораки за интегрирање на концептот на медиумска писменост во различни општествени сфери“. Клучната препорака во овој документ е организирање на работни групи во рамки на Мрежата, што беше и остварено во 2019 година кога беа формирани работните групи за формално и неформално образование, за истражувања и за промоција на Мрежата и привлекување на нови членки. Во овој процес, беше замислено формирање на уште една работна група – за филмска писменост, која во 2019 година не беше формирана, поради недоволен интерес од страна на членките. Присутните беа известени дека повторно се појавува интерес за формирање на оваа група, во соработка со Агенцијата за филм.
- Преставничката на Агенцијата за филм – Даниела Станковска – Плачковска, истакна дека филмската писменост е испреплетена со медиумската писменост и оти Агенцијата за филм, како членка на Мрежата, е подготвена да ја води оваа група и да иницира и реализира низа проекти. Имено, како што посочи таа, со формирањето на групата за филмска писменост, ќе се отвори можност за проекти кои на децата и на младите ќе им помогнат во разбирањето на филмот и дека за тоа се предвидува соработка со основните и средните училишта во земјата. Дополнително, оваа група ќе ги доближи и ќе ги вмрежи медиумите, филмските работници и останатите чинители во оваа сфера. Таа предложи во наредниот период да се иницира поголема видливост со тоа што ќе се поканат релевантни чинители да се вклучат во Мрежата.
- Бојан Шашевски (МОФ) предложи во оваа група да бидат повикани и да влезат комуниколози и институции/организации кои работат на полето на образованието и медиумската писменост, како и филмските работници, организаторите на филмските фестивали, кината и Кинотеката на Северна Македонија.
Како заклучок на оваа точка, беше договорено дека, како и при формирањето на другите работни групи, и за оваа ќе биде испратен и-мејл до членките на Мрежата во кој ќе бидат образложени целите и мисијата на групата за филмска писменост, и а воедно ќе бидат повикани членките да се изјаснат за тоа кој од нив би сакал да се вклучи во групата.
- Снежана Трпевска (Институт РЕСИС) истакна дека е потребна поголема активност на членките и на работните групи во рамките на Мрежата во текот на целата година, за што предложи и изработка на годишни планови за работа на работните групи.
- Во рамките на четвртата точка од Дневниот ред, Координаторката го претстави новиот изглед на веб сајтот https://mediumskapismenost.mk/ и ги потсети присутните за активностите на промоција на Мрежата за медиумска писменост:
- Кампањата преку социјалните мрежи иницирана од АВМУ, која траеше 4 месеци, кон која придонесоа поголем број членки и во рамките на која беше промовиран и „Прирачникот за родители за медиумска писменост“ кој го изработи Институтот РЕСИС,
- Создавањето профили на Мрежата и на Твитер и Инстаграм (покрај Фејсбук), согласно Комуникациската стратегија изработена во 2020 година.
- Ги повика членките на Мрежата почесто и поактивно да споделуваат нови информации (за нивните проекти, настани, публикации, анализи…) со цел да се оствари поголема активност во текот на целата година (надвор од Деновите за медиумска писменост), како и за да се искористи https://mediumskapismenost.mk/ како место за размена на најнови информации и како извор на ресурси.
- Дополнително, предложено беше да се направат измени во Пристапницата за зачленување во Мрежата за медиумска писменост, со кои ќе се овозможи и членство на поединци/физички лица во Мрежата.