На 13 и 14 ноември, МИМ организираше студиска посета за претставници од Мрежата за медиумска писменост од Македонија на Ирската мрежа за медиумска писменост во Даблин, Република Ирска. Целта на посетата беше размена на знаење, искуство и практики меѓу релевантни претставници на двете мрежи и беше организирана во рамки на проектот „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“.
Групата ја сочинуваа претставници од Министерството за образование, Бирото за развој на образованието, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Првиот програмски сервис на Македонската радио-телевизија, МИМ, Институтот за комуникациски студии, Фондацијата Метаморфозис и граѓанската организација Конеду Глобал.
Тие се сретнаа со претставници на Регулаторното тело за радиодифузна дејност на Ирска (БАИ), кое беше домаќин на посетата. Тимот на БАИ го претстави функционирањето и управувањето на Ирската мрежа за медиумска писменост и нивните напори да ја зголемат свесноста за овој концепт во различни сфери на ирското општество, како што се образованието, медиумите и граѓанскиот сектор.
Македонскиот тим учествуваше и на есенската конференција на Ирската мрежа за медиумска писменост, што беше организирана во студиото на Вирџин Медиа ТВ, која е членка на Мрежата. На средбата учествуваа повеќето од 114-те организации што членуваат во Мрежата, при што презентираа некои од нивните последни наоди од истражувања и анализи и учествуваа на панел-дискусиите посветени на организационите аспекти во функционирањето на Мрежата, медиумската писменост и социјалните промени, а споделија и искуства за различни иницијативи и проекти кои ги спроведуваат.
Во рамки на панелот посветен на размена на искуства помеѓу ирските и други европски институции, Емилија Петреска-Камењарова од АААВМУ одржа презентација посветена на функционирањето на македонската мрежа за медиумска писменост и соработката помеѓу релевантните чинители во нашата држава.
Студиската посета вклучуваше и билатерални состаноци со претставници од Ирската мрежа за медиумска писменост, како што се Ирскиот филмски институт, Иницијативата за транспарентен референдум, медиумот на заедницата радио Near и Центарот за критичка медиумска писменост. Дискусиите резултираа со размена на идеи за различни иницијативи со цел интензивирање на соработката помеѓу претставниците на ирската и на македонската мрежа за медиумска писменост.
Посетата беше организирана со финансиска поддршка од Европската унија и Советот на Европа.