Скопје, 22.10.2019 – Под мотото „Застани, размисли, провери!“ почнувајќи од денес, па се до 15 ноември, во организација на Мрежата за медиумска писменост се одржуваат Денови на медиумска писменост. На овој начин, земјава се вклучува во одбележување на осмата Глобална недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.
Во текот на четири седмици, граѓаните ќе имаат можност да се вклучат во триесетина работилници, дебати, вебинари, отворени денови и други настани фокусирани на различни аспекти од медиумската писменост. Целта на Деновите на медиумската писменост, меѓу другото е да ja подигне јавната свест за важноста на медиумската писменост, со неа да се запознаат различни категории граѓани од сите возрасни групи (деца, млади, возрасни и пензионери), да се стекнат со вештини за медиумска писменост, да се обезбеди платформа за соработка, размена на искуства и развој на одржливи проекти за медиумската писменост.
Како што информираше директорот Зоран Трајчевски на денешната прес-конференција, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на Деновите на медиумска писменост, учествува со неколку настани. Отворени денови за посета на Агенцијата се 31 октомври и 1 ноември, кога сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност одблизу да се запознаат со нејзините надлежности, но и да научат нешто повеќе за медиумската писменост.