Вовед
Членките на Мрежата за медиумска писменост во своите иницијативи и активности за унапредување на медиумската писменост во земјава често се потпираат врз податоци добиени од истражувањата на различни аспекти на овој феномен: информираноста и ставовите на поединците за медиумските содржини, вештините и способностите на одделни возрасни групи од населението критички да ги перцепираат содржините, однесувањето и практиките на популацијата во поглед на онлајн содржините итн.
Целта на овие Насоки е да се промовира етичкото постапување кон сите поединци и групи вклучени во истражувањата, но исто така и да се поттикне добра истражувачка пракса и да се унапреди квалитетот во планирањето, спроведувањето и публикувањето на истражувањата на медиумската писменост.
Со усвојувањето на Насоките, членките на Мрежата за медиумска писменост се согласуваат дека ќе ги почитуваат основните етички норми и насоки при спроведувањето на истражувањата на медиумска писменост. Со тоа, овој документ станува обврзувачки и за организациите-членки на Мрежата и за индивидуалните истражувачи кои работат за нив.
Истражувачката етика подразбира збир од вредности, норми и правила на однесување според кои се раководи некоја истражувачка заедница при спроведувањето на истражувачката пракса, независно дали е таа дел од научните или применетите општествени истражувања. Насоките за истражувачката етика во некоја посебна област ги кодифицираат основните вредности и норми на истражувачката заедница која се занимава со таа обаст, но сепак, тие се потпираат врз генералната научно-истражувачка етика во општествените науки.
Иако терминот истражувачка етика се однесува главно на прашањата поврзани со начинот на постапување на истражувачот со субјектите вклучени во истражувањето, тој исто така ги опфаќа и другите активности поврзани со квалитетното спроведување на истражувањата: планирањето на истражувањето, организацијата и спроведувањето на истражувачкиот процес, дисеминацијата на резултатите и сл.
Повеќе на следниот ЛИНК