Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) има една главна задача, а тоа е медиумската писменост. Преку разни гостувања, настани и одлуки СЕММ сакаат да им помогнат на граѓаните во препознавањето на вистинските и лажните вести.

Медиумската писменост во услови на учење на далечина беше аспект обработен од страна на  Здружението за унапредување на образованието КОНЕДУ ГЛОБАЛ. Тие преку работилници во две училишта работеа на подигнување на свеста за потребата од медиумска писменост во образовните процеси.

Институтот РЕСИС, како аспект од медиумската писменост го разгледува начинот на претставување на ранливите групи во медиумите, бидејќи тие честопати се прикажани низ призма на стереотипи кои некогаш се наметнати од страна на медиумите.

Одговорноста во јавниот онлајн простор, како уште еден аспект од медиумската писменост, беше разработена од страна на Младинскиот образовен форум (МОФ). Тие, во два онлајн настани, зборуваа за тоа како да излеземе од теориите на заговор и за тоа како да препознаеме лаги за Ковид – 19 на интернет.

Институтот за комуникациски студии (ИКС) го опфати прашањето за тоа колку време младите поминуваат онлајн, и што прават во тој период. Беа организирани три обуки со кои средношколците се научија како да препознаваат дезинформации, како и онлајн дискусија која го отвори прашањето зошто ни е потребна медиумска диета.

Медиумската писменост во образованието е широка тема која отвара важни прашања во различни сфери – од образование и култура, до функционирањето на институциите како и степенот на свесност кај граѓаните и стручните лица. Македонскиот институт за медиуми (МИМ), во рамките на оваа тема организираше тркалезна маса со министерката за Образование Мила Царовска – „Потребата и можностите за вклучување на медиумската писменост во формалното образование во Р. С. Македонија“ и дебата „Наставниците клучни за подигање на свеста за медиумската писменост“.

Центарот за европски стратегии – Евротинк и Фондацијата Метаморфозис, преку два вебинари од проектот КриТинк, се осврнаа на клучната улога на новинарите во борбата со дезинформациите.

Јавниот радиодифузен сервис (МРТВ) во своето видео се осврна на важноста од промовирање на медиумската писменост во програмите. Основната мисија на Јавниот сервис е да информира и едуцира, бидејќи сепак телевизијата важи за моќен медиум.

Настанот со наслов „Род, плати и радиодифузија“ беше организиран од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Регулаторното тело, како важен аспект на медиумската писменост ја истакна родовата перспектива, бидејќи родовите стереотипи и предрасуди од општеството се пресликуваат во медиумските содржини. Граѓаните треба да бидат свесни за ваквото влијание, додека медиумите треба да ја разберат својата улога во развивањето на критичката свест.