Кои знаења и вештини треба да ги поседува еден граѓанин за да биде медиумски писмен? Ова беше клучното прашање што професорите од педагошките и другите факултети од различни универзитети го дискутираа со хрватскиот професор и експерт за медиумска писменост, Игор Канижај.
Со него ги разгледуваа традиционалните концепти на поставување цели на учење кога се креира програма за медиумска писменост во споредба со дигиталните компетенции (Digi Comp 2.2.). Се сумираа разликите меѓу „дигитална“, „информациска“ „медиумска и информациска“ и „медиумска писменост“, како и концептите промовирани од Европската Унија, УНЕСКО, истражувачки центри и други стручни организации во областа.
Македонските професори се согласија дека во земјава недостасува национална рамка за компетенции за медиумска писменост во високото образование, за разлика од основното и средното образование (која наскоро ќе биде усвоена).
Работилницата ја организираше Институтот за комуникациски студии во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ што го раководи ИРЕКС во соработка со Македонскиот институт за медиуми и Младински образовен форум. Во рамки на овој проект, осум факултети од шест универзитети воведоа предмети за медиумска писменост во нивните студиски програми.
Средбата се одржа во рамки на Деновите на медиумската писменост 2024.