Во понеделник, 31 октомври 2023 во 13 часот, во просториите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, се одржа состанок на Мрежата за медиумска писменост. Со состанокот се заокружи програмата на Деновите на медиумска писменост 2023, што веќе стана традиција во организирањето на Деновите на медиумска писменост.
На состанокот присуствуваа Емилија Петреска – Камењарова (АВМУ), Сашо Богдановски (АВМУ), Виктор Стојанов (АВМУ), Марина Трајкова (АВМУ), Ивана Стојаноска (АВМУ), Зоран Богатинов (МРТВ), Дејан Докузовски (ИРЕКС), Даниела Станковска – Плачковска (Агенција за филм), Снежана Трпевска (РЕСИС), Весна Никодиновска (МИМ), Фросина Крушкаровска (Евротинк), Ана Цветковска (МИА), Борис Куноски (МИА) и Билјана Георгиевска (СЕММ).
Координаторката на Мрежата, Емилија Петреска – Камењарова го водеше состанокот, заедно со две членки во Координативното тело – Снежана Трпевска (РЕСИС) и Весна Никодиновска (МИМ).
Состанокот започна со претставување на краткиот документарен филм кој беше изработен по повод јубилејното петто издание на Деновите на медиумска писменост 2023, во кој беа сумирани некои од поважните активности, спроведени во рамки на ДМП во изминатите години. По проекцијата учесниците на состанокот, членки на Мрежата, споделија впечатоци во однос на организацијата и настаните кои се одржаа како дел од програмата на овогодинешните ДМП.
Дискусијата ја започна Сашо Богдановски од АВМУ со тоа што посочи дека се забележува намалена активност на работните групи во Мрежата и можноста од потреба за нивна реорганизација. Снежана Трпевска од РЕСИС се надоврза дека можеби тоа произлегува од самата неформалност на Мрежата, а дополнително ја отвори темата дека постојат ранливи групи на граѓани кои се комплетно исклучени од дигиталната сфера, како лицата со сетилна попреченост и повозрасните граѓани и дека тоа е една од можните теми на кои може да работат групите во Мрежата.
Во контекст на прилагодувањето на медиумските содржини кон лицата со сетилна попреченост, беше истакнато дека од оваа година, промотивните материјали за Деновите на медиумска писменост беа преведени и на знаковен јазик, како и тоа дека беа користени алатки за преводи со помош на вештачка интелигенција првично наменети за лицата со сетилна попреченост.
Беше отворено и прашањето за процесот на воведување на медиумската писменост во образованието, за што Дејан Докузовски од ИРЕКС образложи дека веќе се изработени прирачници за од прво до петто одделение, а во моментов во изработка се прирачници за од шесто до деветто одделение, но дека не постојат прирачници кои ја опфаќаат образовната програма за средното образование. Причините за бавното придвижување во оваа област, конкретно кај Бирото за образование е фактот дека рамката за медиумска писменост во основното образование е приближно готова, со исклучок на рамката за осмо и деветто одделение, а за рамката за медиумската писменост во средното образование се чекаат законски измени и ревидирање на програмите, но дека во план е нејзино финализирање во текот на следната година.
Весна Никодиновска од МИМ ги извести присутните дека била преземена иницијатива за формирање на медиумски клубови во средните училишта, како воннаставна активност и дека воведувањето на медиумската писменост во образованието е долготраен процес на кој работната група на Мрежата за формално и неформално образование може и понатаму да работи.
Даниела Станковска – Плачковска од Агенцијата за филм ги образложи досегашните активности на работната група за филмска писменост и активностите на Агенцијата за филм во оваа област, како и за можноста за користење на филмот во процесот на образование и на медиумското описменување.
Координаторката Емилија Петреска – Камењарова ја сподели информацијата дека во тек е подготовка за истражување со кое ќе се процени нивото на медиумска писменост кај средношколците, па кога тој процес ќе биде завршен, постои можност за организирање на еден заеднички настан на таа тема. Исто така, таа предложи да се изработуваат билтени за активностите на Мрежата на одредени периоди, како и повеќе да се користи Мрежата за споделување на битните информации за активностите на секоја од нејзините членки. Интензивирањето на натамошната соработка на членките е клучна за развој на Мрежата.
Состанокот беше заокружен со обраќањето на Ана Цветковска од МИА која посочи на важноста од тоа медиумите да ги следат активностите на Мрежата и да учествуваат во нивната промоција.