На онлајн дебатата која се одржа во рамки на Деновите на медиумската писменост, граѓанските организации кои работат на локално ниво дебатираа за факторите кои го попречуваат вклучувањето во јавната сфера на граѓаните со различни облици на попреченост. Поттик за дебатата беа наодите од најновото истражување што го спроведоа самите граѓански организации од Источниот и Југоисточниот регион, во соработка со Институтот РЕСИС.
Еден од главните заклучоци од дебатата беше дека сетилната попреченост во комбинација со возраста е силна причина за дигиталната исклученост на голем број граѓани, а тоа пак негативно се одразува врз нивното право и можности да учествуваат во јавната сфера и да влијаат врз политичките процеси што се одвиваат на локално и национално ниво.
Во анкетата која беше спроведена со 451 испитаник од двата региона, дигиталната вклученост на ранливите групи граѓани беше измерена преку повеќе индикатори, од кои особено се издвојуваат: способноста за самостојно користење интернет, поседувањето вештини за користење паметни технологии, пристапот до асистивна технологија и прилагоденоста на медиумските содржини и веб страниците за да можат да ги користат лицата со сетилна попреченост.
Наодите од анкетата покажаа дека сетилната попреченост, особено оштетувањето на видот е најголема пречка за користење интернет: најмал процент испитаници кои самостојно одат на интернет се лицата со оштетен вид (31,5%), а тие се и граѓани на кои најчесто им е потребна помош (20,2%) при користењето интернет. Оштетувањето на слухот е во нешто помала мера пречка за користење интернет: 56.1% од испитаниците со оштетен слух изјавиле дека можат самостојно да користат интернет, а само на 6.1% им е потребна помош од друго лице.
Вештини за работа на компјутер најмногу им недостасуваат на лицата со оштетен вид 77,5%, а потоа на лицата кои живеат со некакво оштетување на слухот (56,1%). Вештини за користење паметен телефон им недостасуваат повторно најмногу на луѓето со оштетен вид (58,4%), а нешто помалку на луѓето со оштетен слух (47,5%). Секако, дополнитела причина за отсуството на знаења и вештини за користење на технологиите е и возраста на овие категории испитаници.
Пристапот до асистивна технологија за користење на современи комуникациски уреди е исто така пречка за овие групи граѓани: дека немаат пристап до асистивна технологија изјавиле 51,2% од лицата со оштетен слух и 46,7% од лицата со оштетен вид. Од оние испитаници кои користат интернет, голем процент изјавиле и дека Веб страниците не се прилагодени за лицата со сетилна попреченост: 62,2% за лицата со оштетен слух и 51,7% за лицата со оштетен вид.
Испитаниците со сетилна попреченост во анкетата се изјаснија и за тоа дали имаат тешкотии да следат телевизија (без титли или аудио опис): 51,2% од испитаниците со оштетен слух рекле дека им е тешко да следат телевизија без титлување на содржините, а 46,7% од испитаниците со оштетен вид дека не можат да следат одделни содржини бидејќи немаат дополнителен аудио опис на дејствието.
Претставниците на граѓанските организации разговараа и за досегашното позитивно искуство од работата на онлајн платформата ЛокалАктив и ја нагласија важноста на онлајн медиумите на заедницата за информирањето на граѓаните и за нивното вклучување во локалната плуралистичка демократија.
Анкетата беше спроведена од страна на Институтот РЕСИС и 13 граѓански организации од Источниот и Југоисточниот регион кои се членки на онлајн платформата ЛокалАктив, која е формирана со поддршка на Националната фондација за демократија од САД (NED) во рамки на проектот „Поттикнување на граѓанскиот ангажман во локалното владеење“.
Видеото од дебатата можете да го проследите тука.