Блог на Кристијан Лазарев, специјалист за пристапност во организацијата за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“
Во ера во која доминираат екраните и стримувањето, медиумската писменост претставува многу значајна вештина што ни помага да формираме сопствено информирано гледиште на светот околу нас што доаѓа посредно преку медиумските канали. Меѓутоа, при овој светски потоп од информации, не смееме да ги занемариме специфичните предизвици со кои се соочува една често маргинализирана група, лицата со попреченост, на кои исто така им е потребна арката на медиумската писменост, со цел да се спасат од секојдневниот давеж од мисинформации (погрешни информации), дезинформации и малинформации (злонамерни информации) кои секојдневно се опсипуваат околу сите нас.
Медиумската писменост, кажано со свои зборови, е способност на едно лице критички и аналитички да ги прима информациите што стигаат до него. Ваквиот прием на информации вели дека пасивното консумирање на разните медиумски содржини е недоволно и ризично. Наспрема тоа, при приемот на информациите потребно е лицата да се запрашаат за намерата на испраќачот на информацијата, да ја толкуваат информацијата земајќи ги предвид нивните пошироки знаења и колку што е можно, да ја проверуваат вистинитоста на информацијата и од други извори. Сето ова е предизвик за сите луѓе, но уште повеќе е предизвик за лицата со попреченост, коишто се соочуваат со ограничувањата предизвикани од попреченоста и стереотипите за нив, за што потребно е вниманието на сите луѓе и заеднички напор за тие ограничувања да се надминат. Ова може да се направи со отфрлање на следните 3 лажни верувања, и тоа:
● Лажно верување број 1: Формата на секоја објавена информација автоматски е пристапна за секого. Штом некоја информација ќе се објави, најчесто никој не се прашува дали, објавена во таков формат и на таков медиум, таа е пристапна и за лицата со попреченост. Меѓутоа, тоа не е така, ниту со класичните весници, ниту пак со современите дигитални медиуми. Имено, технологиите се одлично средство за инклузија, но доколку се непристапни стануваат средство за оклузија, бариера за лицата со попреченост да ја примаат информацијата, а кај нас, за жал, речиси како по правило е информациите да се објавуваат во непристапен формат за некои лица со попреченост, да се поставуваат на портали или платформи што не ги исполнуваат ниту основните стандарди за пристапност што е неопходно за во целост да стигне информацијата до овие лица.
● Лажно верување број 2: Содржината на објавената информација автоматски е разбирлива за сите. Зависно од видот на оштетувањето, лицата со попреченост, покрај тоа што можат да бидат ограничени при ракувањето со, и/или перципирањето на физичката или дигиталната форма на медиумската содржина, тие исто така можат да бидат ограничени и при разбирањето на медиумските содржини. Комплексноста на јазикот со кој се пренесува една информација, како и комплексноста на структурата предизвикуваат некои информации, и покрај тоа што се достапни, да не се пристапни за некои луѓе.
● Лажно верување број 3: Медиумската писменост не е толку важна за лицата со попреченост. Во јавноста се мисли, па дури и самите лица со попреченост понекогаш веруваат дека потребно е прво да се обезбедат некои основни средства и услови за живеење, а вештините како оние што се стекнуваат со медиумската писменост се занемаруваат и се гледаат како вештини корисни само за мал број луѓе во кои не спаѓаат лицата со попреченост. Едноставно сѐ уште не се разбира вредноста што медиумската писменост може да ја донесе во нивниот живот. Наспрема тоа фокусот најчесто се става на барања за обезбедување финансиски средства за егзистенција и обезбедување можности за рекреација.
Надминувањето на овие лажни верувања бара повеќе напори, како што се: усогласување на законската регулатива на нашата држава со европската, во која пристапноста во формата и содржината се значаен фактор што се имплементира во сите законски и подзаконски акти во кои се зборува за креирање, обработка и емитување информации.
Понатаму потребно е секој креатор на медиумски содржини да биде свесен за постоењето на овие лажни верувања и одговорно да реагира и да преземе мерки, во рамки на своите знаења и можности, со кои тие ќе се надминат. Исто така, потребно е формите на формалното, неформалното и информалното подучување за медиумската писменост да бидат пристапни и за лицата, особено за младите со попреченост, со што тие ќе имаат еднаква можност како и останатите лица во општеството да учат за медиумската писменост. И како последно, но не и помалку важно е будењето на свеста помеѓу лицата со попреченост за важноста од развивање современи вештини и знаења кај нив, во кои спаѓа медиумската писменост, со цел тие да бидат на еднакво рамниште со останатите граѓани во општеството.
Зошто е ова важно? Инклузивната медиумска писменост не е само прашање на правичност; таа е предуслов за вистинско демократско и информирано општество. Со други зборови, кога овозможуваме лицата со попреченост критички и аналитички да се вклучат во примањето на медиумските содржини, ги отфрламе стереотипните верувања за нив и создаваме простор каде што се слушаат и се почитуваат различните мислења.
Сепак добро е што и во нашата држава полека но сигурно веќе има позитивни чекори кои се во насока на надминување на овие лажни верувања. Така проектот на УСАИД за медиумска писменост “Младите размислуваат“, имплементиран од ИРЕКС заедно со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ) посветуваат сериозно внимание да ги направат своите активности, материјали и долгорочен импакт пристапни за младите лица со попреченост, вклучувајќи знаковен јазик, пристапни материјали за обука, како и млади лица со попреченост. Овој проект покажува дека со заеднички напор, можеме да ги отстраниме бариерите и да направиме позитивни промени во одредена област, во случајов, медиумската писменост.
Меѓутоа зајакнувањето на вештините од областа на медиумската писменост за лицата со попреченост треба да не застане само на овој проект. Дозволете ми да ги повикам сите лица со попреченост, кои се консумери на медиумски содржини, да ја искористиме нашата моќ и да ја направиме медиумската писменост наша силна страна.
Притоа, да ги поддржуваме иницијативите, како споменатиот проект, кои ја промовираат пристапноста, ги разбиваат стереотипите и ја почитуваат различноста помеѓу луѓето, со што обезбедувањето билет за арката што спасува од давеж во морето од најразлични информации за нас, лицата со попреченост, станува возможно и остварливо.
Ајде да не дозволиме никој да не се удави во современото море од информации!