Скопје, 27.01.2025 – На 24 јануари, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Германската Фондација за меѓународна соработка (IRZ), одржаа заеднички настан со кој се заокружи Твининг проектот „Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Јавниот радиодифузен сервис“, финансиран од Европската Унија.
Настанот го отвори проектниот лидер Холгер Албрих кој се осврна на важноста на проектот за АВМУ и МРТ, но и за двете земји Германија и Македонија. Претседателот на Советот на АВМУ Лазо Петрушевски во воведното излагање нагласи: „особено значајна беше можноста одблиску да размениме знаења и искуства со релевантни институции и организации, пред се поради усогласувањето со ревидираната Директива за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ кое се случи непосредно по започнувањето на проектот. Овие искуства ги адаптиравме на нашите услови и ги преточивме во подзаконски акти, насоки и водичи… Сите активности во рамки на проектот беа полезни за доследна имплементација на изменетата легислатива за медиуми“.
Главниот и одговорен уредник на првиот програмски сервис на МРТ Драган Николовски, додаде дека се непроценливи искуствата и знаењата кои ги стекнаа поединци од повеќе сектори, одделенија и организациски нивоа во МРТ и се заблагодари во име на над 600 вработени во Јавниот сервис за можноста да бидат дел од Твининг проектот.
Амбасадорот на ЕУ Микалис Рокас, посочи дека резултатите од проектот треба да бидат одржливи и дека за реформите неопходна е посветеност и постојана работа, особено во сферата на медиуми кои се есенцијални за демократијата во секое општество. Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер говорејќи за заедничката посветеност за обезбедување слобода на изразување и основни права, истакна дека мора да продолжи унапредувањето на состојбите, бидејќи само така јавните радиодифузери можат да останат релевантни актери и регулаторите да ја исполнуваат својата надзорна улога на долг рок.
Постојаниот твининг советник Улрих Хермански, во својот говор ги претстави конечните резултати од проектните активности и посочи дека успешно се постигнати предвидените клучни резултати чија цел е зајакнување на капацитетите на АВМУ и на МРТ.
Во рамки на панел дискусијата „Дезинформации: како да се препознаат и да се спречат“ модераторот м-р Сашо Богдановски од АВМУ го промовираше Прирачникот за препознавање на дезинформации, подготвен во рамки на Твинингот, додека Марина Трајкова ги презентираше практичните алатки од Прирачникот, за препознавање на видеа и фотографии креирани со помош на вештачка интелигенција. Во дискусијата, Томас Ратхгеб, раководител на Одделението за медиумска писменост на државниот Институт за комуникации во Баден-Вуртемберг ја истакна важноста за справувањето со дезинформациите во проектот. Свое излагање имаа и Маја Стојанова, новинарка и уредничка во МРТ и др. Никола Пановски, професор по медицинска микробиологија кои зборуваа за злоупотребата на нивните имиња во реклами за медицински производи.