Промовирана Мрежата за медиумска писменост на Република Македонија

Скопје, 27.04.2017г. – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, денес, свечено ја промовираше Мрежата за медиумска писменост на Република Македонија, чија цел е унапредување на соработката меѓу различните чинители во македонското општество кои креираат и спроведуваат политики и реализираат активности и проекти во сферата на медиумската писменост.

Мрежата има 35 основачи – образовни установи, граѓански организации, медиуми и државни институции, меѓу кои и две министерства – Министерство за образование и Министерство за труд и социјална политика. Мрежата е отворена за нови членови, кои можат да и пристапат со потпишување и депонирање Пристапница.

Говорејќи за причините за формирање на Мрежата, директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски, рече дека следејќи ги досегашните иницијативи било констатирано оти инволвираните субјекти неретко зборуваат за потребата од зајакнување на соработката за да се постигнат подобри резултати, самоодржливост на веќе спроведените проекти и континуитет на активностите.

Поддршка за формирањето на Мрежата за медиумска писменост на Република Македонија, изрази и амбасадорот на Делегацијата на Европската унија, г-дин Самуел Жбогар, кој посочи дека медиумската писменост е особено важна за здрава демократија и за медиумските слободи и плурализмот, како и дека медиумската писменост е испреплетена со развојот на критичкото размислување на граѓаните и нивната способност да бидат во тек со технолошките и промените во општеството.

Обврските на сите чинители кои пристапиле во Мрежата, се дефинирани во посебен Акт за формирање на Мрежата. Информациите за активностите и новостите ќе се објавуваат во квартални билтени кои ќе се дистрибуираат по електронска пошта, како и преку веб-страница посветена на медиумската писменост и преку социјалните мрежи. Мрежата ќе настојува да биде активна и на меѓународно ниво, а кога е возможно, новости ќе се објавуваат и во изданија на европски и меѓународни организации.

На настанот беше најавен и првиот проект на Мрежата, кој е во тек и опфаќа подготовка на ДВД со материјали и информации за медиумската писменост, наменети за основните училишта во Република Македонија. Материјалите за ДВД-то се обезбедени од повеќе членки на Мрежата, а негова дистрибуција во училиштата ќе следи по добивањето на согласност од страна на Бирото за развој на образованието и Министерството за образование. Во меѓувреме, Агенцијата отпечати леток со информации за медиумската писменост, кој ќе биде дистрибуиран заедно со ДВД-то, а ќе биде распространет и до пошироката јавност како една од активностите на Агенцијата за подигнување на свесноста на граѓаните за важноста на медиумската писменост.