Обврските на сите чинители кои пристапиле во Мрежата, се дефинирани во посебен Акт за формирање на Мрежата. Информациите за активностите и новостите ќе се објавуваат во квартални билтени кои ќе се дистрибуираат по електронска пошта, како и преку веб-страница посветена на медиумската писменост и преку социјалните мрежи. Мрежата ќе настојува да биде активна и на меѓународно ниво, а кога е возможно, новости ќе се објавуваат и во изданија на европски и меѓународни организации.
На настанот беше најавен и првиот проект на Мрежата, кој е во тек и опфаќа подготовка на ДВД со материјали и информации за медиумската писменост, наменети за основните училишта во Република Македонија. Материјалите за ДВД-то се обезбедени од повеќе членки на Мрежата, а негова дистрибуција во училиштата ќе следи по добивањето на согласност од страна на Бирото за развој на образованието и Министерството за образование. Во меѓувреме, Агенцијата отпечати леток со информации за медиумската писменост, кој ќе биде дистрибуиран заедно со ДВД-то, а ќе биде распространет и до пошироката јавност како една од активностите на Агенцијата за подигнување на свесноста на граѓаните за важноста на медиумската писменост.