ДЕНОВИ НА МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ 2021

„ВИРТУЕЛНО ИЛИ РЕАЛНО – ПРАВИЛАТА СЕ ИСТИ!“

 

Од 22 до 29 ноември 2021 ќе се одржат третите Денови на медиумска писменост (ДМП 2021). Мрежата за медиумска писменост овојпат ги посветува ДМП на децата и младите, мотивирана од најновиот развој на полето на медиумската писменост во нашата земја – официјалното влегување на медиумската писменост во курикулумот за основно образование, како пристап во предавањето, за што секако придонесоа и сите досегашни напори за унапредување на медиумската писменост кај граѓаните од сите генерации преку најразлични активности.

Во текот на осум дена, под мотото „Виртуелно или реално – правилата се исти! Да бидеме медиумски писмени“ ќе се одржат низа настани посветени на градењето и развојот на критичката свесност кај децата и младите, но и кај други целни групи кои се директно или индиректно поврзани со нив. Во организацијата, и оваа година, се вклучија поголем број членки на Мрежата и нивни поддржувачи: Македонскиот институт за медиуми и ИРЕКС, Институтот за комуникациски студии, ПИНА, Планет-М, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Институтот РЕСИС, Универзитетот на Југоисточна Европа, Младинскиот образовен форум и Радио МОФ, Фондацијата Метаморфозис, Советот за етика во медиумите на Македонија, Конеду глобал, МРТ и Лице в лице.

Со ДМП 2021, нашата земја е вклучена во Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО (24-31 октомври), која годинава се одржа по 10 пат, а беше посветена на темата: „Медиумска и информациска писменост за јавното добро“ (“Media and information literacy for the public good”).