Како се одвива воведувањето на медиумската писменост во наставните програми во основното образование и какви активности ќе се спроведуваат во средното образование беа некои од темите на конференцијата „Медиумската писменост во образованието“, што ја организираа Македонскиот институт за медиуми и ИРЕКС во рамки на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.
Во процесот на вклучување на медиумската писменост во формалното образование, МИМ и ИРЕКС изминатите три години соработуваат со образовните институции. Како резултат на ова, медиумската писменост во 2021 година стана дел од наставните програми од I-IX одделение, а над 8.000 наставници од сите училишта во државата беа обучени како да ги организираат часовите од ова подрачје во наставната програма.
На конференцијата зборуваше министерката за образование и наука, Весна Јаневска која посочи дека „образованието за медиумска писменост им овозможува на учениците самостојно да носат одлуки и судови базирани на факти. „Учениците стекнуваат вештини критички да ги анализираат содржините што ги добиваат од различни извори, да ги разбираат соодветно на контекстот, да ги поврзуваат со други информации и да бидат во состојба да го проценат нивниот квалитет“, истакна таа. Според неа, важно е да се поттикнуваат активности за натамошно подобрување на образовниот систем во сферата на медиумската писменост.
Претставничката на Канцеларијата на УСАИД, Џери Дајбл, се осврна на дезинформациите како закана што може да ја наруши довербата во институциите и демократските вредности. „Младите кои се медиумски писмени имаат потенцијал да бидат поангажирани, емпатични и одговорни граѓани. Да продолжиме да го поддржуваме развојот на овие важни вештини и да им помогнеме на младите позитивно да влијаат врз нивните заедници и врз иднината на државата, порача Дајбл.
Претставници од БРО, ДИЦ и МИМ ги презентираa досегашните активности спроведени во основното образование. Ајше Ајрулаи од БРО посочи дека учениците на часовите по медиумска писменост развиваат критичко размислување, комуникациски и дигитални вештини и учат како одговорно да ги користат медиумските содржини. Таа нагласи дека е потребно континуирано зајакнување на знаењата и вештините на наставниците, како и подготовка на ресурси за реализација на часовите. Претставничката од МИМ, Весна Никодиноска, додаде дека за наставниците се подготвуваат прирачници за медиумска писменост што треба да им помогнат ефикасно да ги организираат часовите. Таа информираше дека со поддршка од Проектот се основани 80 медиумски клубови, каде учениците можат учат за новинарството и создаваат медиумски производи.
Бети Ламева од Државниот испитен центар ги презентираше наодите од државните тестирања на ученици од III и V одделение, кои укажуваат на тоа дека учениците треба да научат да ги разликуваат, разбираат и вреднуваат медиумските содржини, но и да креираат медиумски пораки. „Треба да ги поттикнеме учениците критички да размислуваат, да решаваат проблеми, да применуваат знаења во реални ситуации“, додаде Ламева.
Истражувањето на нивото на медиумска писменост кај средношколците од I и II година гo претстави директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски. Според наодите, учениците користеле умерено ниво на критичко размислување, при што многумина можеле да идентификуваат дезинформации, но немале вештини да го потврдат потеклото на онлајн содржината; биле умешни при користењето дигитални уреди, но имале ограничено разбирање за приватноста и безбедноста на податоците. „Потребно е потемелно интегрирање на медиумската писменост во образовниот систем, со фокус на практични вештини и критичко размислување, обука на наставниците, како и спроведување кампањи за подигање на свеста“, истакна Трајчевски.
За следните чекори околу вклучување на медиумската писменост во средното образование зборуваше Дејан Докузовски, директор на проектот „Младите размислуваат“. Тој истакна дека со ова, медиумската писменост ќе биде вклучена во сите нивоа од формалното образование, имајќи предвид дека на осум факултети веќе се развиваат модули или изборни предмети од оваа област преку активностите што ги спроведуваат ИРЕКС и Институтот за комуникациски студии.
Оваа конференција е дел од глобалната манифестација на УНЕСКО Денови на медиумската писменост што годинава се организира под мотото „Медиумска и информациска писменост за информирање во јавен интерес“.