Настанот го отвори Младен Чадиковски, претседателот на ЗНМ кој се задржа на состојбата на медиумите во Македонија како и предизвиците со кои се соочуваат новинарите, а ја спомена и потребата од дополнителни обуки за новинари преку Тренинг- академијата на ЗНМ. „Нема добра информација без економска сигурност, безбедност на новинарите и континуирани обуки. Но попусто ќе е се ако нема новинарство без квалитетни редакции, теми и истражувања и затоа мора да работиме на овие неколку фактори, рече Чадиковски. Се обрати и Јоана Козма, претставник од Меѓународната фондација за изборен систем (ИФЕС) која ја истакна важноста за транспарентноста во изборниот процес и важноста на новинарите во истиот.
„Ова има витална улога во секоја демократија, секое општество, но не е доволно. Уште еден важен сегмент во целиот овој процес се случувањата во периодот помеѓу изборите бидејќи потребно е да се мониторираат владините постапки, а медиумите се клучни во овој процес“ – рече Козма.
Настанот беше поделен во две сесии. Темата на првата сесија беше – Почитување на интегритетот во новинарството: обезбедување отчетност во следењето на успешноста на владините политики на која дискутираа Сашка Цветковска од ИРЛ, Васко Попетревски од 360 степени, Ана Петрушева од БИРН и Миомир Серафиновиќ од ТВ Телма. Секој од нив од свој агол го презентираше својот став на темата. Имено, како генерални проблеми беа наведени недостатокот на интерес за професијата од страна на младите новинари, тренд на намалување на квалитет на информации презентирани од страна на дел од медиумите, појавата на нови онлајн медиуми во екот на предизборие, ниските плати на новинарите и просечни критериуми на дел од медиумите, се поголемото присуство на информации објавени од страна на пи-ар агенции, а нарачани од центрите на моќ. Втората сесија беше на тема – Академијата за обука на Здружението на новинарите на Македонија како движечка сила во надградбата на капацитетите на медиумските работници, обезбедување интегритет и отчетност , каде што своите искуства и ставови ги пренесоа Лазар Сандев кој зборуваше за правните аспекти на обучувањето на новинари и медиумски работници, Марина Тунева се задржа на етичката димензија на обучувањето и Бесим Небиу кој зборуваше како да се зајакне професионализмот благодарение на обуките наменети за новинарите.
Линк од целиот настан (ВИДЕО) – https://www.youtube.com/live/ZwBQE2WOTWM?si=lvLS0e16Ed1mlRuB