covecki prava
Други материјали за човековите права

„Детските права не се паднати од Марс“, е веб базирана игра на македонски и на албански јазик, преку која децата можат, на интерактивен и забавен начин, да се запознаат со Конвенцијата за правата на детето. Играта е нарачана од УНИЦЕФ Скопје и е изработена во соработка со Народниот правобранител на Република Македонија. Во оваа игра членовите од Конвенцијата се напишани на јазик разбирлив за децата и се придружени со цртани илустрации. Децата во играта, преку идентификација со измислени ликови на вонземјани, играат игри во кои се полеваат цвеќиња, ловат балони, играат брканица и цртаат графити. На таков начин, ја изразуваат својата креативност, а со секоја завршена задача се наградени со ново право на детето, во вид на поука. Со комплетирање на сите нивоа, играчот се стекнува со сертификат за Амбасадор на детски права.

Во играта, можат да се пронајдат дополнителни материјали и видеа за правата на детето како и поле за праќање претставка до Народниот правобранител.

За да почнете да ја играте играта треба само да одите на линкот – http://detskiprava.mk/games/

НАСОКИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА МАТЕРИЈАЛИ ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА НА ДЕЦАТА

Медиумската писменост е тесно поврзана со остварувањето повеќе човекови права, особено правото на слобода на изразување. Поради тоа, кон ова ДВД се приклучени и материјали, кои ги обезбеди Народниот правобранител на Република Македонија, а чија цел е децата да се запознаат со нивните права и со начините како да ги остварат.

Во овој сегмент од ДВД-то, најпрвин може да се најде „Конвенцијата за правата на детето на јазик разбирлив за деца“ и тоа на македонски, албански, српски, турски, ромски, бошњачки и на влашки јазик.

Генералното Собрание на Обединети нации ја донесе Конвенцијата на 20 ноември 1989 година, додека Република Македонија ја ратификуваше на 26 јануари 1990 година (како дел од Југославија) и на 2 декември 1993 година (откако стана независна држава). Оваа Конвенција е договор помеѓу различни земји за почитување на иста правна рамка во врска со граѓанските, политичките, економските, социјалните, здравствените и културните права на децата.

Конвенцијата е придружена со летоци – „Народниот правобранител во заштита на правата на децата“ на осумте јазици, со упатство како да се пополни претставка до Народниот правобранител. Со цел за поактивно и пошироко вклучување во заштитата на правата на децата, во рамките на Народниот правобранител, формирано е посебно одделение за заштита на правата на децата. Исто така, за таа цел, во 1999 година, Народниот правобранител издаде две брошури на оваа тема: „Улогата на институцијата Народен правобранител во заштитата на правата и слободите на децата во Република Македонија“ на македонски јазик и „Запознај ги своите права“ на македонски и на англиски јазик.

Доколку постои повреда на правата на детето, претставката до Народниот правобранител може да биде поднесена лично од страна на детето, родителот или старателот во име на детето и некое друго лице, орган или организација кои ќе дојдат до сознанија дека е повредено одредено право на детето. Народниот правобранител е овластен да ги штити правата на граѓаните како поединци, а во тие рамки и правата на децата гарантирани со меѓународните акти ратификувани во согласност со Уставот, кои претставуваат дел од внатрешниот правен поредок.