Универзитетското радио УКЛО ФМ-Битола, радио на Универзитетот ,,Св.Климент Охридски“ – Битола, кое е дел од Мрежата за медиумска писменост, сакајќи да даде свој придонес во рамките на одржувањето на Деновите на медиумска писменост 2022, најновото 37-мо издание на радиоемисијата за деца ,,Слушнете неее!“ го работеше под мотото „Размислувај критички, состави ја целата приказна“. Целта беше слушателите да не заборават дека сите сме различни, секој со свои потреби, различни сфаќања и вредности, дека сите, а особено децата, имаат право да бидат слушнати, видени и разбрани.
Во емисијата се вклучени талентирани и креативни деца, деца со посебни потреби, млади кои имаат што да кажат, но и возрасни кои секојдневно работат со најмладите за да им помогнат во решавањето на проблемите со кои се соочуваат. Гости на нашата водителка, единаесетгодишната Ноела Нечковска, се Софија Печијареска од ОУ,,Св. Климент Охридски” Прилеп, која со рецитација ги кажува барањата и очекувањата на децата од возрасните, малата Нина Неделкова Сончевина, од ОУ,,Кирил и Методиј“ Битола, која ни дава совети за енергетска ефикасност, детскиот психолог Христина Стефановска, која помогна во барањето на внатрешното и надворешното ЈАС, а тука е и писмото од младиот Дион од заедницата на абориџините во Австралија кое го добивме благодарение на професорката Џенет Тасковска. Потоа Ноела со нејзината мама Рената го презентираат драмскиот текст, кој под водство на професорот Александар Адамовски го подготвува драмската секција во ОУ,,Елпида Караманди,, во Битола, а ќе ја слушнете и експлозивната и најчиста енергија на Гораз Китановски Kenny.
Да потсетиме дека Радиоемисијата ,,Слушнете неее!“, која ја подготвува Ноела Нечкоска, единаесетгодишна ученичка во Основното училиште ,,Елпида Караманди“ во Битола, заедно со нејзината мама Рената, професор на Економскиот факултет во Прилеп, единица на УКЛО, е наменета за децата, тинејџерите и младите возрасни, има едукативен, информативен и забавен карактер, а има за цел да се чуе гласот и ставот на децата за различни прашања. Имаме глобална мрежа на соработници од сите возрасти и профили (Франција, Белгија, Турција, Украина, Шпанија, Австрија, Гана), а од неодамна се пренесува и во дијапората во Австралија преку брановите на MAC FM RADIO Melbourne 88.0 FM! Слушнете ја емисијата:
1 Коментар