Второто издание на Деновите на медиумска писменост во организација на Мрежата за медиумска писменост се одржа во периодот од 26 октомври до 2 ноември 2020 година. Во текот на ДМП 2020, сите заинтересирани граѓани имаа можност да се вклучат во активностите кои беа предвидени во овогодишната програма, а кои вклучуваа: работилници, дебати, вебинари и други он-лајн настани, фокусирани на различни аспекти од медиумската писменост.

Поради присутната Ковид – 19 пандемија, настаните од ДПМ 2020 беа целосно организирани и спроведени на Интернет, следејќи го примерот на Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО (24 до 31 октомври). Ова беше втор пат нашата земја да се вклучи во одбележувањето на Глобалната недела во рамките на која УНЕСКО годинава упати повик до сите граѓани да се спротистават на дезинфодемијата користејќи ја медиумската писменост како моќна алатка и, без разлика каде живеат и работат во светот, да земат учество во настаните посветени на медиумската писменост. Токму затоа, мотото на ДМП 2020 гласеше „Секоја вест на тест“.

Членките на Мрежата за медиумска писменост (ММП) кои учествуваа во организацијата на ДМП 2020, во рамки на своите активности се осврнаа на повеќе различни аспекти на медиумската писменост. Тие преку видео пораки ги повикаа заинтересираните граѓани да се вклучат во нивните настани. ПОВЕЌЕ

Што се случуваше на Деновите на медиумска писменост 2020?

На настанот „Јасно и гласно – Како да излеземе од теориите на заговор?“ организиран од МОФ се зборуваше за теорите на заговор на интернет во време на пандемијата. Од смртоносен вирус контролиран преку 5G мрежата до чипирање и контрола на човештвото… Теорите на заговор го обиколија светот со неточни информации на кои луѓето сè уште им веруваат. Клучните поенти од дискусијата можете да ги погледнете тука.

Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) организираа онлајн тркалезна маса за медиумската писменост и образованието. Министерката за образование и наука Мила Царовска истакна дека од идната година се подготвува нова концепција за основното образование во која ќе биде опфатена медиумската писменост, како пристап во учењето повеќе наставни предмети.

На јавната седница на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите беше истакната пораката дека јавноста има мошне значајна улога во детектирањето на праксата на медиумското известување, во забележувањето на она што значи неетичко и непрофесионално известување, како и помош на саморегулативното тело во полесно идентификување на тие случаи и помош во процесот на професионализација на работењето на медиумите.

Прашањето за тоа како да ги препознаеме лагите за Ковид – 19 на интернет беше во фокусот на вториот настан во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ). Довербата во експертите и оние кои имаат искуство во оваа област е од клучно значење. Од друга страна треба да бидеме и скептици, да не веруваме во сè што ни „прелетува“ на социјалните мрежи. Важно е вестите да се споредуваат и да се проверуваат од повеќе извори.

На настанот „Род, плати и радиодифузија“ во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се отворија повеќе прашања во врска со родовиот аспект на медиумската писменост. Се разговараше за тоа каква е застапеноста на знаењата, искуствата и стручноста на жените во програмските содржини? Дали постои родов јаз во платите на новинарите и новинарките? Дали и во колкава мера се врши надзор врз примената на Законот за еднакви можности на жените и мажите? Се дискутираше и за тоа колку работадавачите ги почитуваат работничките права на новинар(к)ите, како и дали се исплати истражувачкото новинарство. Главните поенти од дискусијата можете да ги проследите тука.

Институтот за комуникациски студии (ИКС), во рамки на дебатата „Ај на кафе“го постави прашањето – „Дали ни е потребна медиумска диета?“. Истражувањата на ИКС покажаа дека една половина од младите на возраст 15-24 години, дневно поминуваат од 1-3 часа на социјалните мрежи, а најмногу на Инстаграм. На оваа тема се разговараше со стручни лица во поглед на педагогијата и психологијата, како и со ученици и студенти. Погледнете го видеото и дознајте повеќе за можните начини на постигнување баланс помеѓу офлајн и онлајн реалноста.

На настанот „Наставниците клучни за подигање на свеста за медиумската писменост“ во организација на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) се разговараше за влијанието на социјалните медиуми врз младите, користењето на новите технологии за стекнување знаења и вештини, како и иднината на медиумската писменост во образованието. Преку разговорот на повеќе професор(к)и од различни области и комуниколог се потенцираа предзивиците кои наставниците ги имаат при описменувањето на учениците во поглед на медиумите, а беа понудени и начини за надминување на предизвиците.

Како дел од проектот КриТинк, беше организиран вебинар – „Борба против дезинформации, во услови на пандемија на Ковид – 19“. На настанот беа презентирани дел од заклучоците од истражувањата спроведени од страна на Евротинк и Метаморфозис, РЕСИС и АВМУ, МИМ како и ЦИВИЛ. Во дискусијата беа отворени прашањата за тоа дали на новинарите им е потребно градење капацитети за медиумска писменост, кои се моделите на дезинформации, говор на омраза и пропаганда, какво е влијанието на политиката врз медиумската сфера како и дали постојат стратегии за проверка на вистинитоста на информациите.