Со дводневна Конференција се заокружија Деновите на медиумска писменост 2019

 

  Во организација на Мрежата за медиумска писменост на 14 и 15 ноември 2019 година се одржа Конференцијата „Денови на медиумска писменост 2019“, која е завршен настан од истоимената манифестација што започна на 22 октомври.

Како што истакна директорот на Агенцијата Зоран Трајчевски на отворањето на Конференцијата, изминатите четири седмици, реализирани се бројни заеднички активности со дел од членките на Мрежата за медиумска писменост, меѓу кои, работилници со над 300 ученици од основните и средните училишта, работилници и средби со претставници на организации на жени и пензионери, отворени денови за посета на АВМУ и други институции меѓу кои и претседателот на државата Стево Пендаровски, посета на медиуми. Одржани се повеќе дебати, панел дискусии, вебинари, како и доделување на наградата „Роберто Беличанец“.

На настанот се обрати и амбасадорот на ЕУ во земјава Самуел Жбогар, кој нагласи дека медиумите имааат големо влијание врз формирањето на јавното мислење за многу општествени прашања, а оттаму произлегува и важноста за препознавање дезинформации и лажни вести. Притоа потсети дека Делегацијата на ЕУ во Скопје активно поддржува повеќе проекти кои се однесуваат на медиумската писменост, главно насочени кон развојот на критичкото мислење на граѓаните и дигиталната писменост.

Амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ Клеменс Која, истакна дека ОБСЕ во континуитет поддржува активности посветени на различни аспекти од медиумската писменост и ја најави новата медиумска кампања „Двапати провери, еднаш верувај“. Присутните имаа можност да ги проследат и резултатите од истражувањето Мапирање на нивоата на медиумска писменост во Република Северна Македонија кај населението над 16 години, изработено во рамки на Меморандумот за соработка меѓу ОБСЕ и АВМУ. 

На првиот ден од Конференцијата беа презентирани и резултатите од истражувањето Критичко размислување и навиките на информирање кај младите, реализирано во рамки на проектот КриТинк, а во организација на Институтот за комуникациски студии се одржа дебатата Младите и онлајн консумеризмот. Настанот заврши со работилница за медиумска писменост со подмладоци на политички партии, организиран од Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид.

На вториот ден од Конференцијата, се одржа состанок со членовите на Мрежата, на кој беше избрана новата координаторка на Мрежата, а координаторите на работните групи реферираа за заклучоците од работните состаноци. На настанот се одржаа и две панел дискусии – за вклучувањето на медиумската писменост во образованието и за препознавање на медиумските манипулации, а за време на дискусиите донаторите информираа за активностите кои ги планираат во наредниот период. Во рамки на Конференцијата се одржа и Саем на кој беше претставена работата на членките на Мрежата за медиумска писменост.

Наодите од двете презентирани истражувања можат да се преземат на следните линкови:

Истражување – Мапирање на индивидуалните нивоа на медиумска писменост во РСМ возрасна популација 16+ 

Истражување – Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк