ЗАПИСНИК ОД СОСТАНОКОТ НА МРЕЖАТА ЗА МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ

ОДРЖАН НА 15.11.2019

На 15 ноември 2019 година, во рамките на Денови на медиумска писменост 2019, се одржа состанок на Мрежата за медиумска писменост, во просториите на АВМУ. На состанокот присуствуваа: Виолета Глигороска (Метаморфозис), Филип Стојановски (Метаморфозис), Марија Петревска (ВЕЗ), Леон Златковски (ВЕЗ), Олга Самарџиќ Јанкова (Конеду Глобал), Горан Лазаров (Евротинк), Горан Галабов (Волонтерски центар Скопје), Јелмаз Дервиши (МЦМС), Снежана Трпевска (РЕСИС), Ѓорѓи Митревски (РЕСИС), Марина Ивановска (СЕММ), Мирче Адамчевски (СЕММ), Весна Никодиноска (МИМ), Моника Аксентиевска (ИКС), Александра Теменугова (ИКС), Дејан Георгиевски (ЦРМ), Вера Бојќиќева (СУГС „Јосип Броз Тито“), Емилија Величкова (СУГС „Јосип Броз Тито“), Кристина Митровска (Институт Охрид), Столе Наумов (ЦРМ), Зоран Фиданоски (АВМУ), Емилија Петреска – Камењарова (АВМУ), Виктор Стојанов (АВМУ) и Марина Трајкова (АВМУ). На состанокот се зборуваше за следното:

  1. На самиот почеток беа соопштени резултатите од гласањето за составот на Координативната група на Мрежата. Групата е составена од 2 члена со мандат од една година: Олга Самаџиќ Јанкова од Конеду Глобал и Весна Никодиноска од МИМ – обете освоија по 12 гласа; и три члена со мандат од две години: Емилија Петреска – Камењарова од АВМУ (10 гласа), Снежана Трпевска од РЕСИС (9 гласа) и Марина Тунева од СЕММ (7). Останатите кандидат(к)и, на гласањето одржано на 3 октомври ги добија следниве гласови: Жанета Трајкоска од ИКС и Филип Стојановски од Метаморфозис по 6 гласа, Горан Лазаров од Евротинк 4 гласа и Зоран Богатинов од МРТ – 3 гласа.
  2. Беше соопштено дека гласањето за кординатор(к)а на Мрежата одржано на 3 октомври беше неуспешно, односно резултатите беа следниве: Емилија Петреска-Камењарова – 3 гласа, Жанета Трајковска – 2 гласа, Снежана Трпевска – 1 глас, Филип Стојановски – 1 глас, Весна Никодиноска – 1 глас, Зоран Богатинов – 1 глас и Марина Тунева – 1 глас. Присутните членки на Мрежата одлучија при прегласувањето, на гласачкото ливче да се најдат овие седум личности.
  3. При повторното гласање за координаторка на Мрежата беше изгласана Емилија Петреска – Камењарова од АВМУ со 6 гласа. Другите кандидати ги освоија следниве гласови: Жанета Трајкоска од ИКС – 4 гласа, Филип Стојановски од Метаморфозис – 2 гласа, а Снежана Трпевска од РЕСИС, Марина Тунева од СЕММ, Весна Никодиноска од МИМ и Зоран Богатинов од МРТ по 1 глас.
  4. Трите работни групи на Мрежата одржаа свои конститутивни состаноци на 7 и 8 ноември, на кои ги одредија координаторите на групите и насоките за дејствување во наредниот период. За координатор на Групата за формално и неформално образование беше избран Сашо Богдановски (АВМУ); Групата за истражувања, за свој координатор го избра Виктор Стојанов (АВМУ), додека Марина Трајкова (АВМУ) беше избрана за координаторка на Групата за промоција на Мрежата и привлекување на нови членки. Координаторите на овие групи, на состанокот го презентираа досега договореното во рамките на групите.
  5. Членови на Групата за формално и неформално образование се: Билјана Јанева (Институт Охрид), Жанета Трајкоска (ИКС), Виолета Глигороска (Метаморфозис), Олга Самарџиќ Јанкова (Конеду Глобал), Снежана Трпевска (РЕСИС), Весна Никодиноска (МИМ), Сашо Богдановски (АВМУ) и Катерина Синадиновска (СЕММ). Бидејќи координаторот на Групата за формално и неформално образование не беше во можност да присуствува на состанокот, информацијата за тоа што било договорено на првиот состанок на оваа група го презентираше Весна Никодиноска. Излагањето се состоеше од следните точки:

– Неопходно е Групата да побара од сите членки на Мрежата да достават куса информација за она што досега го работеле во областа на формалното и неформалното образование за МП. Врз основа на овие информации ќе се изработи Преглед на изминати и постојни проекти што се реализирани или се реализираат во оваа област. Освен членките на Мрежата, неопходно е да се идентификуваат и други субјекти кои не се членки, а кои реализирале проекти поврзани со МП.

– Изготвениот Преглед да се достави до сите членки на Мрежата и да се организира тематски состанок на кој би се дискутирало за области и активности кои недостасуваат и би се утврдиле насоки за тоа во кои полиња треба во иднина да се работи.

– Насоките за натамошно развивање на активности во областа на формалното и неформалното образование за МП, Мрежата би ги упатила до надлежните институции, донатори, ГО и други релевантни субјекти.

– Пред да се пристапи кон изработка на Стратегија за МП на државно ниво, препорачливо е да се изработи компаративна анализа на образовни системи на различни земји, со цел да се утврди каков модел би бил најсоодветен на Македонија. Притоа, треба да се има предвид дека концептот на МП се преклопува во голема мера со други области и да се тргне од тоа дека темелен предуслов за МП е функционалната писменост. Кој било стратегиски документ за МП не може да даде долгорочни резултати, доколку формалното образование не се реформира сеопфатно со цел да обезбедува компетенции и за функционална писменост и за критичко размислување.
– Доминантниот пристап при евентуалната изработка на една Стратегија за МП, треба да подразбира градење политики и во областа на образованието, културата и медиумскиот/аудиовизуелниот сектор. Образованието ќе развива медиумска писменост само ако е ефективно и во развивањето на функционалната писменост, навиките за читање, способностите за критичко размислување и компетенциите за граѓанска свесност и партиципација. Културата, односно културните политики треба да се насочени кон поттикнување и промовирање на творештвото воопшто, а особено кон литературното творештво и издаваштвото, кои се предуслов за негувањето и развивањето на читателската публика. Медиумските политики, пак, треба да поттикнуваат квалитетни и професионални медиумски текстови, креативно медиумско (аудиовизуелно) творештво и свесност кај публиката за функцијата и структурата на кредибилните медиумски содржини, наспроти оние што тоа не се.

– На крајот на своето излагање, Весна Никодиноска сподели информација дека во рамките на Коалицијата за медиумска писменост веќе е изработена листа на ресурси, поточно Преглед на веќе изработени анализи во сферата на медиумската писменост кој ќе биде споделен со членките на Мрежата, за тие да ја надополнат со своите истражувања и да се користи за понатамошна координација.

  1. Во Групата за истражувања влегуваат членовите: Кристина Митровска (Институт Охрид), Александра Теменугова (ИКС), Горан Лазаров (Евротинк), Игор Мицевски (РЕСИС), Виктор Стојанов (АВМУ), Весна Никодиноска (МИМ), Снежана Пачоска Китанчев (МРТ), Марина Ивановска (СЕММ) и Столе Наумов (ЦРМ). Координаторот на Групата Виктор Стојанов ги презентираше точките за кои било разговарано на конститутивниот состанок:

– Истражувањето за нивото на медиумска писменост кај возрасната популација над 16 години на АВМУ (кое финансиски е поддржано од ОБСЕ, теренското истражување е изработено од ИПСОС, а експертско толкување на резултатите го изработи Снежана Трпевска од РЕСИС), кое беше презентирано на првиот ден од Конференцијата – 14 ноември.

– АВМУ за 2020 година планира истражување за нивото на медиумска писменост кај децата и од членките на Мрежата се очекуваат предлози за тоа на што да се внимава при изработката на методологијата на истражувањето

– Потребно е работната група да состави листа на потенцијални фондови за истражувања и регионални и меѓународни проекти на кои членовите на Мрежата би можеле да конкурираат заеднички.

–  Медиумската поддршка на МРТ за презентација на резултатите од спроведените и идни истражувања на оваа тема.

Во дискусијата што следеше потоа беше договорено следново:

– Да се изработат методолошки насоки за тоа на кој начин, со кои методи и техники треба да се истражуваат аспектите на медиумска писменост, членките на Мрежата да се придржуваат кон нив при истражувањата и резултатите од домашните и странските истражувања да се разгледуваат и толкуваат поаѓајќи од овие методолошки насоки. Исто така, при истражувањата, истражувачките прашања да се поставуваат јасно и методологијата да биде јасна.

– При планирање нови истражувања, да се има предвид листата на оние кои се веќе изработени, односно да не се повторуваат/преклопуваат, освен кога треба циклично да се утврди нова состојба, и да се води сметка новите истражувања да ги надополнуваат старите.

– Покрај развивањето на стандардите за истражувањата на различните аспекти на медиумска писменост, неопходно е и да се развиваат стандарди за евалуација на проектите или програмите насочени кон подигнување на нивоата на медиумска писменост.

– Неопходно е да се унапреди делот од Веб страницата www.mediumskapismenost.mk каде се објавуваат реализираните истражувања, со тоа што ќе се направи нивно категоризирање (квантитативни, квалитативни, мешани) со кус опис (во форма на апстракт) на предметот на истражување, методите што се применети и главните резултати. Изработените трудови/истражувања и натаму да се објавуваат на Веб страницата на Мрежата, за да се доизгради ресурсен центар, а членките коишто сакаат можат на своите веб страници да постават линкови до нив.

– Да се изработи целосен редизајн на www.mediumskapismenost.mk.

– Да се настојува повеќе да се инволвираат медиумите.

 

  1. Групата за промоција на Мрежата и привлекување нови членови, е составена од следните членки: Душко Арсовски (Диверзити медиа), Моника Аксентиевска (ИКС), Филип Стојановски (Метаморфозис), Слободанка Филиповска (Конеду Глобал), Ѓорѓи Митревски (РЕСИС), Марина Трајкова (АВМУ) и Марина Тунева (СЕММ). Координаторката на Групата Марина Трајкова ги презентираше следните заклучоци кои произлегоа од конститутивниот состанок:

– Да се креира Facebook page на Мрежата за медиумска писменост, чии администратори ќе бидат активните членки на Мрежата кои учествуваат во работните групи. На таков начин ќе се овозможи запознавање на пошироката публика со Мрежата и нејзините активности, а ќе се олесни и комуникацијата со останатите чинители во оваа сфера. На page-от ќе може да се споделуваат информации за активностите на секоја од членките, интересни содржини и кампањи и информации за активностите на Мрежата во целина. Дополнително, да се креира Instagram профил на Мрежата, за да се допре до помладата публика (ученици, средношколци, студенти).

– Да се повикаат основните, средните училишта и факултетите да станат членки на Мрежата. Исто така беше дискутирано, во координација со Групата за формално и неформално образование, да се понуди посредство за можна соработка помеѓу МОН, заинтересираните донатори и образовните институции, со цел да се организираат неформални предавања и вежби со младите за разни аспекти на медиумската писменост. Оваа идеја произлезе од сознанието дека сè повеќе се буди интересот за оваа тема од страна на образовните институции.

– Секоја од членките на работните групи засебно да ја промовира Мрежата на своите настани, проекти и медиумски гостувања – со кратки информации за членувањето и составот на Мрежата, за целите и активностите и отвореноста за прием на нови членови. На таков начин Мрежата би се отворила за членство во други коалиции, а со тоа би се зголемиле можностите за соработка со останатите чинители (на различни проекти).

– Во понатамошниот период да се изготви план за систематизиран пристап кон медиумите, односно тие да бидат повикани да пристапат кон Мрежата како нови членки. Дополнително, да бидат известувани за сите активности на членовите на групите и Мрежата во целост. Преку медиумите да се понуди едукација на јавноста за процесите на поднесување претставки и жалби до АВМУ и СЕММ.

– Претставникот на Диверзити медиа – Душко Арсовски се понуди да оствари контакт со радијата на локално ниво. На таков начин би им се понудило членство во Мрежата и можност за редовен брифинг за сите активности на Мрежата и нејзините активни членки.

– Да се отвори дискусија со останатите работни групи, во врска со можните начини на финансирање на понатамошните активности на Мрежата.

На крајот од состанокот, Емилија Петреска – Камењарова се заблагодари што за координатори на сите групи и на Мрежата се избрани претставници на АВМУ, но нагласи дека главната идеја беше координаторите да бидат од други организации за да се постигне децентрализација и чувство на сопственост врз Мрежата кај сите членки.

Координативна група на Мрежата