Промовирана Мрежата за медиумска писменост на Република Македонија

Скопје, 27.04.2017г. – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, денес, свечено ја промовираше Мрежата за медиумска писменост на Република Македонија, чија цел е унапредување на соработката меѓу различните чинители во македонското општество кои креираат и спроведуваат политики и реализираат активности и проекти во сферата на медиумската писменост.

промоција на мрежаМрежата има 35 основачи – образовни установи, граѓански организации, медиуми и државни институции, меѓу кои и две министерства – Министерство за образование и Министерство за труд и социјална политика. Мрежата е отворена за нови членови, кои можат да и пристапат со потпишување и депонирање Пристапница.

Говорејќи за причините за формирање на Мрежата, директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски, рече дека следејќи ги досегашните иницијативи било констатирано оти инволвираните субјекти неретко зборуваат за потребата од зајакнување на соработката за да се постигнат подобри резултати, самоодржливост на веќе спроведените проекти и континуитет на активностите.

Поддршка за формирањето на Мрежата за медиумска писменост на Република Македонија, изрази и амбасадорот на Делегацијата на Европската унија, г-дин Самуел Жбогар, кој посочи дека медиумската писменост е особено важна за здрава демократија и за медиумските слободи и плурализмот, како и дека медиумската писменост е испреплетена со развојот на критичкото размислување на граѓаните и нивната способност да бидат во тек со технолошките и промените во општеството.

Обврските на сите чинители кои пристапиле во Мрежата, се дефинирани во посебен Акт за формирање на Мрежата. Информациите за активностите и новостите ќе се објавуваат во квартални билтени кои ќе се дистрибуираат по електронска пошта, како и преку веб-страница посветена на медиумската писменост и преку социјалните мрежи. Мрежата ќе настојува да биде активна и на меѓународно ниво, а кога е возможно, новости ќе се објавуваат и во изданија на европски и меѓународни организации.

На настанот беше најавен и првиот проект на Мрежата, кој е во тек и опфаќа подготовка на ДВД со материјали и информации за медиумската писменост, наменети за основните училишта во Република Македонија. Материјалите за ДВД-то се обезбедени од повеќе членки на Мрежата, а негова дистрибуција во училиштата ќе следи по добивањето на согласност од страна на Бирото за развој на образованието и Министерството за образование. Во меѓувреме, Агенцијата отпечати леток со информации за медиумската писменост, кој ќе биде дистрибуиран заедно со ДВД-то, а ќе биде распространет и до пошироката јавност како една од активностите на Агенцијата за подигнување на свесноста на граѓаните за важноста на медиумската писменост.

Нови членки

Од 2 ноември 2018, во Мрежата членува Здружението за граѓанско образование и цивилно општество ГАНИМЕД Битола.

Во јули 2018 година, престана членството на Радио Слободна Македонија бидејќи му беше одземена дозволата за емитување“.

Од 14 јуни 2018 година, членка на Мрежата е Институт за истражување на општествениот развој Ресис од Скопје

На 12 јуни 2018 година, во Мрежата се зачлени Здружението за граѓански активизам Форум 16 од Битола

На 4 јуни 2018 година, член на Мрежата стана Здружението за унапредување и заштита на правата на работниците ДОСТОИНСТВЕН РАБОТНИК од Прилеп

На 25 јануари 2018 година, во Мрежата се зачлени Здружението за едукативен развој ЕКВАЛИС – Скопје

На 26 октомври 2017 година, Мрежата за медиумска писменост на Република Македонија доби нов член – Здружението за волонтеризам Волонтерски центар Скопје, кое го издава електронскиот Младинскиот магазин „Воисес“