За Агенцијата

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е независно регулаторно тело кое е надлежно за регулација на телевизиите, радијата и аудиовизуелните медиумски услуги по барање, а ограничени надлежности има и врз операторите на електонски комуникациски мрежи (кабелски оператори) и издавачите на печатени медиуми.

Во 1997 година, со формирањето на Советот за радиодифузија како регулаторно тело, отпочна процесот на независна регулација на приватните радио и телевизиски станици и Јавниот радиодифузен сервис. Во 2014 година, по стапувањето во сила на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како негов правен следбеник продолжи Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Во рамки на Агенцијата беа воспоставени двата органа: Директор и Совет на Агенцијата.

Во насока на развој и промоција на медиумската писменост во Република Македонија, Агенцијата, со експертска поддршка, изработи Програма за поттикнување на медиумската писменост во Република Македонија.

Основните цели на Програмата се да се подигне свеста за концептите за медиумска писменост, да се придонесе кон нејзиното разбирање од страна на граѓаните и да се подобрат условите за граѓанско и демократско учество.